ПРАШАЊА И ЗАБЕЛЕШКИ БЕЗ ОДГОВОР

Опозициската Левица остро ја критикува локалната власт

Опозициската Левица отвора прашања од општественото живеење и бара одговор од надлежните каде завршуваат парите од граѓаните. Иницираат и новини, но како што тврдат, локалните власти се глуви на идеите, а неми се и платените гласноговорници.

Левица има два советници во Градскиот совет, Методија Костоски и Иван Јованоски.

Последно, Левица праша каде е лизгалиштето, набавено  во 2013 година од Општината за кое се платиле 30 илјади евра.

– Општината во 2013 година платила речиси два милиони денари на прилепската фирма Електроточила Инженеринг за набавка на материјал и услуги за поставување на лизгалиште од синтетичка подлога со димензии 9.2м. х 16.4м., заедно со заштитна ограда околу. Го повикуваме портпаролот на Општината да каже каде е лизгалиштето за кое се водеше кампања дека ќе биде за доброто на децата од сите училишта, дека ќе рекреирале децата – вели во советникот Методија Костоски.

Капацитетот на лизгалиштето било за околу 30 лизгачи во една група. Коментира дека наставниците по физичко образование го поздравиле проектот. Ќе работело до првата половина на март, а цената за лизгање е 30 денари со изнајмени лизгалки.

– Лизгалиштето ја олеснува изведбата на наставата физичко образование. Досега немавме можност, а отсега ќе изведуваме настава со учениците – цитира Костоски.

Тој се осврнува на десетина општински објекти кои пропаѓаат. Децениската негрижа доведува до грда слика со расфрлени шприцеви, игли, паднати покриви, искршени прозорци и слично.

– Неработењето на двете владејачки партии на локлано ниво резултира со пропаѓање на објектите, наместо креативна употреба за доброто на граѓаните – рече Костоски, илустрирајќи ја состојбата со видео и фотографии.

Левица укажува и стравува од пресудите за големиот број активни тужби против општината кои, според нив, се причина за неконтролирано испумпување на буџетот.

– Моментно се активни 112 тужби против Општината. Општината губи народни средства на адвокатски трошоци, судски спорови, извршни решенија и извршители. Не ја исклучуваме  можноста дека можеби станува збор за организирана мрежа каде што Општината намерно е оштетувана со ненавремено плаќање, кои подоцна преку пресуди и извршители се наплаќани десеткратно. Левица дополнително ќе истражува на ова поле. Го повикуваме портпаролот Влатко Петкоски да објасни како е дојдено до оваа енормна бројка на активни тужби и колку точно е оштетена Општината – рече Костоски.

Левица објави мапа со обележан простор на кој не би смеело да се наоѓаат уплатно – исплатните места во кои се приредуваат игри на среќа. Со предложените измени и дополнувања на Законот за игри на среќа и забавни игри сите означени објекти треба да се лоцирани на поголема оддалеченост од 500 метри од основните и средните училишта заради заштита на младата популација. Со постојниот закон не е утврдена оддалеченоста на просториите каде се приредуваат игрите на среќа, односно не се утврдува критериум.

Локалниот клуб на Левица иницира изработка на физибилити студија за потенцијалот на општината за сопствено производство и продажба на електрична енергија.

– Актуелната енергетска криза и енормната цена на електричната енергија се заканува да ги доведе Општината и институциите (чиј основач е Општината) до финансиски колапс. Излегуваме со предлог за изготвување на Физибилити студија за потенцијалот на Општината за сопствено производство и продажба на електрична енергија преку формирање на ЈП за производство и продажба на електрична енергија. Ако овој предлог се усвои, нема да има никакви импликации на локланиот буџет, што значи дека не се потребни финансиски средства за истражување – рече Костоски.

Советниците од Левица тврдат дека една година се борат за иницијативи во полза на развојот на Мариово, за регионот кој е тотално заборавен, а е со голем потенцијал.

На 13 јануари, на Василица со фотографии од ФБ, укажаа, според нив, на репетицијата  на паушалното работење на опшината.

– Бенефитите од партиските вработувања во Општината покажаа дека славењето на традицијата е оправдано. Ги затворија општинските врати за граѓаните. Одлучија да работат со скратено работно време, покрај досегашното паушално работење. И лани, на 13.1.22., биле затворени општинските врати без  никакви последици за вработените. Левица остро го критикува неработењето и бара казни – регираа тие.

Левица гласа против предлог буџетот

Сведоци сме на една година (2022 г) на некадарно работење. Затоа Советниците гласаа против предлог буџетот на ДПМНЕ, оти е фиктивен, со нереални проекти, како што е фантрастиката за ревитализација на 50 улици во една година, за лажната монтажна катна гаража од 19 милиони денари… Тоа се дел од предлозите кои се пренесуваат од година во година, а никогаш реализирани.

– Затоа на прашањета дали Општината ги исполни вашите очекувања за 2022 година, дури 89 отсто се негативни и разочарувачки – откриваат од Левица.

ПРИЛЕП БЕШЕ НАЈЗАГАДЕН ГРАД ВО ЕВРОПА

Пред да почни календарски зимата, Прилеп се најде на врвот на најзагадени градови, не само во Македонија, туку и во Европа. Нивоата на ПМ 10 и ПМ 2.5 честички беа неколкукратно повисоки од дозволеното. Иако  незапочната зимата, градот се гушеше во чад, кој влијае врз здравјето на граќаните.

-Ниту една локална власт нема донесено акциски план за заштита на амбиенталниот воздух. Градот не посветил внимание на овој долгогодишен проблем – велат од Левица.

Loading