ПОТРАГА ПО ЕУ ПАРИ ЗА ДОИЗГРАДБА ФАБРИКАТА ЗА ЃУБРЕ

Комуналец

Прилеп, преку Комуналец, е на добар пат да го заврши проектот за секундарна селекција на отпадот, која опфаќа доизградба на почнатата хала, набавка на дробилка за градежен шут и изградба на компостара, како и моделирање на куќната селекција на отпад.

– Во отстуство на финансии за инвестиции, насочени сме на ЕУ фондовите. Подготвуваме апликации за проекти од Програмата за меѓугранична соработка, каде приоритет ни е да обезбедиме грантови за доизградба на фабриката за селекција на отпад, ставање во употреба и доопремување на линијата за секундарна селекција за отпад, создавање на услови за изградба на компостара. Ова го најавувам, оти јавните претпријатија од Пелагонија и југозападниот регион од 2025 година ќе вршат само собирање и транспорт на отпадот во Регионална санитарна депонија кај селото Новаци. Трошоците ќе пораснат. За да се намалат нужно е селектирање на различните видови отпад – вели директорот Рубин  Абрашоски.

Секој корисен отпаден материјал треба да се селектира на местото на создавањето, транспортните трошоци да не ги оптоварат граѓаните и бизнис секторот.

– Приоритет ни се подземни контејнери за подобрување на визуелниот изглед и за заштита на животната средина, со влијание на подигнување на културата за одлагање на отпадот. Во идната Регионална депонија сакаме да транспортираме и депонираме само тоа што не се рециклира, или минимални количини – вели Абрашоски.

Стекнувањето на навики кај граѓаните за селекција, е најтешкиот дел од процесот. Сепак, прилепчани покажуваат развиена свест. Не дозволуваат секој корисен материјал да заврши на депонијата, туку го селектираат за рециклирање.

Loading