ВРАЌАЊЕ ВО ВРЕМЕТО

Во секој јазик влегуваат и туѓи зборови. Невозможно е да се спречи таа појава. Некаде се води поголема грижа. Кај нас тоа не важи. Туѓи зборови влегуваат и кога треба и кога не треба. Потешко е да бараме, да копаме во нашиот јазичен фонд, отколку да си земеме туѓ збор.

Одамна беше кога сретнавме кај Марко Цепенков еден интересен збор (глагол). Си патувал некој добар и чесен човек кон градот. Во меѓувреме, му се придружил некој непознат и го наговарал на лоши работи. Добриот човек насетил дека тој придружник е ѓаволот. Човекот барал начин како да го ОТСЕБИ тој непожелен сопатник. Барал начин да се ослободи од него. Не заинтересира зборот (глагол) – ОТСЕБИ. Значи, барал начин да го отстрани од себе, да го ОТСЕБИ. Најверојатно, Цепенков не го измислил тој збор. Сигурно во негово време бил во употреба. Но, како и да е, тој збор може да си најде убаво место во нашиов современ јазик. Се сомневаме дека ќе се случи тоа, а убаво е кога би се случило. Но, нашиов човек сега би рекол дека добриот човек сакал да се ОТАРАСА од ѓаволот. Тој збор не е наш, но е во честа употреба. Се разбира, погрешно и непотребно. Како и многу други зборови кои ги земаме или погрешно ги помакедончуваме. Наместо да го ОТСЕБИМЕ таквите непотребни зборови, ги прифаќаме без да размислуваме дека не се наши.

Постојат и други зборови кои некогаш беа во почеста употреба, а сега ги слушеме сé помалку. А има зборчиња на кои не им го знаеме коренот. Таков е зборот – НЕПЕНДЕК. Тој и сега се користи во определени случаи. Регистриран е и во Речикот (тритомниот), а значи дека се случило нешто неочекувано, непредвидено. Ќе планира човек нешто и одеднаш ќе се појави некаква пречка. ,,Непендек е тоа,, – ќе рече човекот. ,,Планираш едно, а излегува сосема друго,,. Можеби не е соодветен во некои литературни текстови, но, разговорно, може да се користи.

Еден друг збор, кој, исто така, го има во речникот е зборот НЕДОПИЦА. луѓето како да го одбегнуваат во своите комуникации. А што значи? Значи дека нешто се случило сосема неочекувано. Да речеме, сте оделе по улица и од недопица ве каснало некои куче за ногата. Значи, ненадејно, неочекувано, непредвидувано. Оваа форма (недопица) се користи во прилепскиот крај. Во Речникот е објаснето дека правилната форма гласи НЕДОАПИЦА. Штета е, не им го знаеме потеклото на овие зборови. Во некои ситуации можат да му дадат посебен колорит на исказот.

Постои и еден друг збор кој ни го привлекува вниманието. Кога веќе споменавме зборови кои се употребуваат разговорно, еве го и тој збор – НЕПАРА. Што значи тоа? Значи дека нешто не е баш како што треба. Зборот е регистриран во Речникот.

Признаваме дека овие зборови за кои пишуваме денеска (непендек, недоапица, непара) не очекувавме  дека ќе ги најдеме во Речникот. Добро е што ги има. Рековме дека тие можеби не треба да најдат место во некоја сериозна литература, во некои написи каде е потребен некој повисок стил во изразот. Но, во некои определени случаи можат убаво да послужат.

Да кажеме дека во Речникот е даден пример за зборот – НЕПАРА. ,,Децата него непара го слушаат,,. А примери можат да се најдат многу, премногу. Колку пати сме чуле кога ќе прашаме некого за здравјето, да добиеме одговор – ,,Непара сум арен,,.

Ќе завршиме со редовната констатација: ,,Грижата за јазикот ни е непара за машала,,.

Loading