МАЛАТА И НАЈСТАРА МИСЕРИОЗНА ЦРКВА ВО ВАРОШ

Црквата Свети Никола во Варош претставува едноставна, еднокорабна градба со тространа апсида однадвор, засводена со полукружен свод. Со своите релативно мали димензии и нагласената височина, таа е блиска на црквите во Костур. Градена е од неделкан камен, а горните партии се изведени во богата керамопластична декорација. По своите композициони решенија, извесни иконографски особености, изразитиот жив и богат колорит, живописот на оваа црква се вбројува меѓу најдобрите остварувања од крајот на 13 век во Македонија. Во фресконатписот над прозорецот на јужниот ѕид од внатрешната страна, напишано е дека црквата била подигната во 1299 година. По најновото толкување, во натписот се споменува дека црквата е подигната од ктиторот Вега, синот Капза и неговата сопруга Марија, во времето на царот Андроник 2, Михајло 9 и царицата Ирина, во 1298 година, во ноември. Кон крајот на 12 век и првата половина на 13 век, црквата Свети Никола го добила денешниот изглед. Затоа се смета дека живописот во апсидата, што се истакнува со своите карактеристики, кои му одговараат на стилот од последниот период на сликарската епоха на Комнените, потекнува од крајот на 12 и почетокот на 13 век.

Композициите во апсидата: “Поклонување на Агнецот” и “Богородица Ширшаја Небесна”, имаат сличности со живописот на корибиновската црква Свети Георгиј, која е живописана во 1191 година. Во долната зона насликани се фигури од светии и свети воини во цел раст. Во вториот појас сместени се композициите со сцени од “Христовите страдања”, а во третиот “Големите празници”. На сводот претставени се ликовите на пророците во цел раст, додека во нишата над западниот влез однадвор, насликан е ликот на Свети Никола, патронот на црквата. Ликот на Свети Никола веројатно потекнува од 13 век, додека другата фреско-икона, која исто така се наоѓа на западната фасада, потекнува од 17 век.

Иконостасот е направен пред неколку децении и претставува импровизација без уметничка вредност. Од оригиналниот иконостас сочувано е само северното крило на царските двери.

Црквата располагала со повеќе икони од разни периоди (од 14 до 19 век). Најпознатата и највредна била “Взиграние младенца”. Пренесена е во уметничката галерија во Скопје. Неколку повредни икони се во депото при Заводот за заштита на спомениците на културата и Музејот Прилеп.

На иконостасот се наоѓаат четири престолни икони: Господ Исус Христос, Пресвета Богородица, Свети Јован Крстител и Свети Никола. Иконите се работени во темпера на гипсан грунд врз штица. Авторот е непознат.

Loading