РАЗГЕЛЕ

Пред многу години бевме на турнеја со театарот во Источна Македонија. Не се сеќаваме во кој град. Влеговме, неколкумина, во едно мало ресторанче да пиеме кафе. Ни падна в очи фирмата. Со убави букви напишано – “Разгеле”. Првпат го слушнавме, поточно првпат го прочитавме тој збор. Го прашавме момчето што послужуваше со кафе, што значи тој збор. Се мачеше да објасни, но не беше објаснувањето многу успешно. Велиме дека тогаш првпат сме го сретнале тој збор. А, можеби сме го среќавале, но не останал во сеќавање. Потоа, одејќи пак на турнеја во тие краишта, слушавме да се вели така, веќе познат беше зборот, но значењето уште магливо.

Во Прилеп и воопшто во Западна Македонија го нема тоа зборче. Не сме го слушнале.

Пребарувавме нешто во Речникот на страницата со буквата – “Р”. Случајно наидовме на зборчето што го чувме пред повеќе од 50 години. Се изненадивме дека го има во Речникот. Пишува дека се употребува разговорно. За етимологијата, за потеклото, не пишува ништо. Не знаеме каде му е коренот. А што значи зборот? Значењето било – токму сега, баш на ова место, баш во овој момент. Ќе се обидеме тоа да го објасниме со некаков пример. Сме борџувале пари некому, но одамна не сме се виделе да му ги вратиме. Го среќаваме сега во продавница, случајно: “Аа, разгеле, добро што те сретнав да ти ги вратам парите”. Значи, добро што те сретнав баш сега, баш на ова место. Така некако би се објаснило тоа со фирмата на ресторанчето каде што пиевме кафе. Бидејќи, случајно, кога ни се пиело кафе, сме се нашле токму на тоа место, токму кај тоа ресторанче. А, разгеле, “еве кај ќе пиеме кафе”. Накратко, РАЗГЕЛЕ би значело баш на време или баш на тоа место.

Момчето од ресторанот не можеше убаво да ни го објасни значењето. Не сме сигурни и ние колку успеавме. Постојат многу вакви зборови, дури и цели изрази, кои се забораваат. Исчезнуваат од нашата комуникација. Ние многу лесно земаме туѓи зборови, обично српски, а ги забораваме нашите.

Слушнавме на некоја од нашиве  ТВ дека во Битола се одржала трибина “Силно и одлучно напред”. Мислиме дека и од Премиерот го слушнавме тоа. Пред некое време во Криволак се одржа воена вежба – “Одлучен удар”. Разочарувачки звучи ова, но… Нели го браниме јазикот?! Зошто да не биде трибина “Силно и решително (решавачко) напред”? Зошто воената вежба да не биде “Решавачки удар”? “Одлучно” е српски збор. Добиен е од глаголот одлучити, излучити, издвојити. Кај нас тоа значи да се излачи нешто, да се излачи најважното, да се издвои, да се оддели. Именката (српска) ОДЛУКА, кај нас би значела ОДЛАКА. Во тие далечни времиња, југословенски, кога се одржуваа многу конференции, состаноци и кога на крајот требаше да се донесе некаков заклучок, да се издвои најбитното, се донесуваше ОДЛУКА. Во повеќето тогашни републики тоа беше така. Словенците го користеа својот збор ОДЛАКА. Нашиве лингвисти го прифатија зборот ОДЛУКА, а на македонски би гласело ОДЛАКА. Да се одлачи најбитното. Не се познати причините, но така е. Се прифати српскиот збор ОДЛУКА. Само тоа, само именката. Ништо друго. Сега, што не слушаме – одлучува, одлучување, одлучно и што уште не?!  Никој не размислува за тоа. Сите, новинари, политичари и сите други ги користат овие српски зборови.

И сега, кога толку многу пекаме за нашиот јазик, кога сме решени со сите сили да го браниме, само не со правилната примена. Еве, користиме РЕШАВАЧКИ напори и ОДЛУЧНО го браниме.

Loading