СВИНСКО МЕСО КАКО 24 КАРАТНО ЗЛАТО

Христијан Иваноски – Дрцко (34) млад месопроизводител

– Фарма по светски норми со рекордно производство

Ретки се младите кои ги засучуваат ракавите, ќе се пикнат во работната облека и гумените чизми и се враќаат на семејните традиции на одгледување на домашни животни. Додека сите млади мечтаат чиста канецларија со компјутер од седум до три, па и за мала плата, 34 годишниот прилепчанец Христијан Иваноски – Дрцко ги урива фантазиите на младите, посветувајќи се на одгледувањето на свињи во својата модерна фарма. По стапките на својот дедо, потомокот на семејството на Јонче Иваноски – Дрцко, кој со години го негуваше и не само касапскиот занает, туку и одгледуваше свињи и говеда, тој не се срами, туку упорно ја надградува фармата од дедо му, претворајќи ја во модерна фабрика за месо по европски стандарди. Поради почитување на строгите безбедносни мерки за заштита, освен неколкуте работници и тој, во фармата како пристоен дом, никој не може ниту да го наѕре “стадото”.

Според фотографиите, околу илјада свињите, од бебиња се “луксузираат”, се хранат со најквалитетна сточна храна, им се одржува хигиената на највисоко ниво, се негуваат како деца, за нивното здравје се грижи ветеринар и за неколку месеци да станат гоеници до сто килограми и да завршат на трпезите како најквалитетно домашно свежо свинско месо со мирис на мискојна. Иваноски се гордее што е наследник на неговиот дедо. Покрај него ги засакал животните. Во слободното време го совладувал занаетот по сточните пазари, во месарницата. Дедо му му всадил љубов кон животните. Говедата и свињите, толку го “заразиле” што работи  на речиси двојно зголемување на капацитетот на фармата. Инвестира во современа кланица со средна големина не само за обработка на свињи, туку и за говеда, овци и јагниња.

– Традицијата постои со векови, од прадедовци. Во крвта ни е љубовта кон животните. Од мал одев со дедо ми по пазари, по фарми, по кланици, во месарницата кај нас, и љубовта се вивна во бизнис ореинтација. Одлучив за свињарство, оти кога ќе се споменуваат свињите одма асоцира на кочина и закопани животни во гнасни услови. Сакав да направам промена. Да се имплементираат светските критериуми и да се постави модерниот стил на одгледување на свињи далеку поразличен од традиционалниот – вели Дрцко.

Изградил нов современ објект со сите “нишани”.

-Капацитетот на фармата е 50 мајки или околу 1500 прасиња годишно. Со проширување ќе се зголеми двојно од 80 – 100 мајки – кажува Иваноски.

Годинава е тешка за сите сточари, особено за свињарството поради огромниот увоз на замрзнато свинско месо, а домашното е пресно и квалитетно, како 24-каратно злато.

– Се надеваме дека квалитетот ќе надвладее. Луѓето веќе ја знаат разликата на замрзнатото и пресното месо. Замрзнатото нема никаква хранлива вредност, ниту протеини, за разлика од свежото што го произведуваме – објаснува Иваноски.

Тој открива  дека во тек е инвестицијата за кланица за крупна и ситна стока, јагниња.

– Има луѓе за работа во кланицата, но за жал опаѓа сточниот фонд. Свињарството опстојува, наспроти скапата храна. Свинското месо се пласира само во државава. Но,  понатаму планирам извоз на обработените прасиња во сопственаа кланица – планира Иваноски.    

За развој, нужна е поддршка на одгледувачите.

– Годинава работиме со загуба. Треба да помага државата да опстанема и да се мотивираат младите иднината да ја гледаат овде. Нашата држава не може да произведува компјутери, туку земјоделски производи, со стимулации и поддршка во млекопроизводството и месопроизводството – завршува Иваноски.

Тој е оптимист дека со стимулации на младите фармери и со домаќиннско работење во сите домени ќе има успех.

Ја нема државната поддршка од 20 илјади евра

Тој е корисник на субвенција на заклани гоеници во кланица, по илјада денари од гоеник и 600 денари годишно по мајка.

-Тоа е малку  поради големи трошоци, петпати зголемени. Конкурирав за средства за млад земјоделец за неповратни 20 илјади евра. Грантот е одобрен, постапката е завршена, но парите две години никако да стигнат. Претходно инвестирав, комисијата ја потврди на место состојбата, но ги нема државните пари, иако се вложени неколупати повеќе. Тие 20 илјади евра се капка во морето – објаснува Иваноски.

Стручен надзор и совети

Ги користи научните сознанија за намалување на ризиците од болести и за зголемување на производството. Се консултира со професорот Владо Вуковиќ од Земјодлескиот факултет             од Скопје. Од репродуктивен центар набавува семе за вештачко оплодување на свињините. Затоа приплодот е  32 прасиња по мајка годишно. Овој ефект е рекорден за Македонија и е близок до светкиот. Затоа е чуден за нашите фармери. Се надева дека со примена на нова генетика, примена на стандарди, условите, климатски промени,ќе порасне бројот на живоодбиените прасиња.

Малку сопствена храна

Мало е сопственото производство на житоо на Иваноски за храна за свињите. Вели дека од сопствените ниви може да обезбеди храна за 20-30 отсто од потребите. Остатокот го купува, оти е концентриран на професионален пристап во свињарството, за не во земјоделството.

19-то прасе

Во фармата не важи поговорката “13-то прасе”, туку 19 прасе. Имено, мајките, маториците имаат генетска потенцијал и преобразба да располагаат  со 18 боски. Така можат да хранат 18 прасиња. Имало случаи, мајките да родат 25 прасиња. “Вишокот” од 7 прасиња се распределувал да се храни кај други мајки, кои имале помалку од 18 прасиња. 

Мајките носат мали три месеци, три недели и три дена.

Loading