ЌЕ ИМАЛО ЛЕКТОРИ!

ivce1Слушнавме дека ќе се носел нов закон за употребата на македонскиот јазик. Убаво. Некој се сетил да размислува и за тој проблем. Не знаеме што ќе донесе тој нов закон. Знаеме дека и досега имаше закон, но и тоа дека никој не го почитува. Според новиот закон ќе се вработуваат лектори во сите институции. Добро е тоа, потребно е. Но, што да правиме со оние институции и медиуми каде и сега има лектори. Каков е јазикот што го слушаме во телевизиските емисии? Сме се јавувале по телефон, речиси, во сите телевизиски куќи. Сме разговарале со лекторите, сме правеле забелешки за повеќе јазични недоследности. Некои прифаќаат, некои се премногу ,,зафатени,, и немаат време за разговор. Некои кажуваат дека ја знаат работата и не правата грешки. Ова го пишуваме за тоа што сакаме да кажеме дека проблемот не е решен само со тоа ако има лектори на платен список. Работата на лекторите е мошне сложена, односно треба да биде таква. Во секојдневната практика немаме таков впечаток. Немаме впечаток дека некој ,,ги ферма,, лекторите. Тотален хаос, како во сите други области. Секој зборува како ќе му текне.

Да не зборуваме напразно. Ќе приведеме и некој пример. Следиме разговор на една наша телевизија. Водителот разговара со директорот на извесна институција. Разговорот восприма полемичен тон. Водителот сака малку да ја смири тензијата. Во еден момент вели: ,,Добро, еве вака, како човек, људски да разговараме,,. Ете така, водителот долгогодишен, сака со својот соговорник да разговара како човек ,,људски,,. Браво, така треба, ,,људски,, да се решаваат работите. Може и ,,човечки,, ама на водителот тоа ,,људски,, му звучи поубаво.

И, додека течеше ,,људскиот,, разговор, на долниот дел од екранот читаме реклама со мошне крупни букви. Изнаредени повеќе видови костуми и под нив пишува – ,,Одела по мерка,,. Веруваме дека и овој текст поминал низ рацете на некој лектор. Како не сфатија нашиве луѓе дека зборот одело го нема во нашиот јазик. Особено не со вакво значење. Ако се изговори правилно, со правилен акцент, во случајов, на првиот слог, тоа би бил глагол во минато неопределено време, женски род – ,,Жената одела дома,,. Инаку, српската именка ,,одело,, со акцент на вториот слог е добиена од глаголот ,,одевати се,,. Тоа си е својствено за српскиот јазик. Кај нас е ,,костум,,. Значи, ,,костум по мера,, а не по мерка. Мерка е нешто друго – казнена мерка, мерка притвор, административна мерка и слично.

Во последно време мошне често се користи непотребно измислениот збор – ,,повидок,,. – ,,Дали е на повидок нова политичка криза,,? Вака слушнавме на една телевизија. Непотребно измислен збор. Именка ,,видок,, може да се користи многу ретко, но со друго значење – ,,Ќе ви дојдам на видок,,. Значи, ќе дојдам на видување. Зошто оние што го употребуваат зборот ,,повидок,, не го користат зборот (именка) ,,видик,,? Тој збор го има во сите наши речници. Еве едно од значењата: простор до каде може да се гледа со голо око, што може да се опфати со поглед. Точно тоа е значењето. Множинската форма гласи ,,видици,,. Постоеше едно време литературно списание ,,Видици,,. Зошто нашиве луѓе го отфрлаат овој збор? Веројатно мислат дека е српски. Можеби тој е добиен по литературен пат, можеби не е многу застапен во народните говори, но тој апсолутно ги задоволува потребите од ваков вид. Добиен е според нашиот зборообразувачки систем. Одбележан е во сите наши речници. А ,,повидок,, е измислен збор и не значи ништо. Еве, сиве овие забелешки се од место каде што има лектор. Можеби и двајца.

П.С.

Често слушаме да се вели дека против некого е покренато обвинение, покрената постапка и слично. Тој збор произлегува од српскиот глагол ,,кренути,, ,,покренути,,. Кај нас може и треба да се користат: поведе, поднесе, подигне.

Loading