ПИСМЕНОСТА ВО МАРУЛ

Фељтон: Томе Велјановски(1)

marul

Томе Велјановски кој живее во Гетеборг во Шведска, собрал записи и сеќавања и за писменоста во неговото родно село Марул. Во желбата да останат сочувани, спомените за периодот кога тој се образувал, ги поткрепува и со фотографии. Неговите белешки ги пренесуваме автентично, односно  како што  ги прибележувал, со сите правописни и граматички пропусти.

Претходно, на страниците на неделникот Зенит, тој пишуваше за лицата кои животот го положиле за татковината, за животот во селата Марул и Клепач.

На 15 километри југоисточно од Прилеп, на јужната страна во подножјето под масивот на Селечка планина со врвот Веслец е селото Марул. Рекчињата викани бачилешко, капинешко, горничко, ореовско го делат селото на три маала. Западно маало – Прва бригада, Средно маало – Втора бригада и Јужно маало или Трета бригада. Овие имиња, прва, втора, трета бригада, селото ги доби за време на Колективот. Тогаш селото броеше 38 домаќинства, 36 влегоа во Колективот, две не влегоа. Секоја бригада работеше посебно со свои бригадири. Управата на бригадите беше заедничка. Исто така приходот од работата беше заеднички. Населението од с. Марул не протрпе за јадење иако имаше големи давачки према државата.

Се работеше чесно, имаше вредна Управа. Сочувани се сите документи од времето на Колективот за жителите. Кога дојде време за пензија сите што работеле во Колективот добија пензија, онолку колку што изнесувал нивниот работен стаж. Беше многу весело кога аргатите навечер си идеа од полската работа, младината – девојчињата и ергените, си идеа со песни. Марулскиот целокупен сињор речиси е 1 300 хектари површина. Со запишани 196 имиња во сињорот со нивна означеност како местото го добило името.

Главно занимање во с. Марул е земјоделието, житото, бостанот, тутунот и повеќето ситна стока, овци. Некогаш беа и многубројни магарињата. Марулската стара сорта пченица белица држела рекорд по тежина на прилепскиот и битолскиот пазар. Наполнета една вреќа од 100 кила, истата вреќа наполнета со марулската пченица тежела 120 кила. Долненската пченица со истата мера тежела 105 кила. Марулските камења воденички прочуени надалеку со нивниот квалитет на турско азиската територија анадолија. Марулските воденички камења во продажната цена одскокнувале на пазарите Битола, Прилеп со една турска лира повеќе во однос на останатите камења на пазарот донесени од разни места од македонската територија.

Некогаш чумата “шетала” во ноќно време по селото и го ништела населението. Исто така “дошла” чумата една ноќ во с. Марул, поумрело нешто од жителите во селото. На сета мака за спас од чумата, марулци измислиле една мудрост. Умрените луѓе ги погребале на три места околу селото, до нив закопале по еден камен наречен по марулски, цуцул. Селото го заорале со два волови близнаци и два брата близнаци. Закопаните камење околу селото стојат и денес кои ги викаат Горни цуцул, Долни цуцул и Цуцулот кај фурната од Алексо Василоски. Вакви историски знаменитости не се слушнало да има во соседните села. Исто така, во местото Венците, марулци соѕидале куќарка од камења, внатре ја уредиле убаво, поубаво, кога ќе “наминела” чумата за да иди во Марул за да прави штета, помор на луѓето во селото, се задржувала тука во убавата спремна куќарка, ќе запееле петлите, на чумата чунки и поминувала силата и се враќала назад од каде што дошла. На таков мудар начин селото Марул било спасено од штетите на чумата која имала намера да го поумри сето село, не успеала.

Во Марул се роди, растеше, живееше и умре прочуениот аматерски борач Василоски Стојанов Милан. Милан борачо беше прочуен надалеку до турските професионални борачи во Измир, кој на канатларската боречка арена за верскиот муслимански празник Бајрам во 1936 година ги соборил, победил тројцата турски пеливани и ги испратил со наведнати глави да си одат за Измир во Турција. Милан од марулските Турци отселени во Истамбул добил честитки и курир во позадината во НОБ на Добрица Цекоска од Прилеп, организатор на АФЖ во нашите краеви.

     Со доаѓањето на Втората македонска бригада во Марул секогаш се зборуваше весело, за пречекот на бригадата и видено Прва македонска. Како на собирот сред селото прв пат слушнале на таков величествен собир да се зборува на мајчин македонски јазик. Во разговорите за бригадата никогаш не се спомна за штетно дело со земањето на четирите добитци. Жените и девојките што ја давале помошта при собирање на разновидна зимска облека и перењето на горната облека на борците, ја чувствувале во себе како храбро извршена хумана морална работа. Марулци со голем морал ја пречекале бригадата и со таков дух и морал ја испратиле бригадата. Бригадата во Марул остави голем политички и историски спомен.

Скршен беше рбетот на Марул со одземањето на над 300 хектари обработлива површина од сињорот во пролетта 1954 година од страна на државата. Одземената земја на стопаните му беше исплатена по сосема ниска цена. Одземената земја му се исплаќаше во рок од десет години. На таа одземена површина во пролетта 1955 година насадија 50 хектари под лозови садници и оваа нова земјоделска гранка ја крстија, регистрираа Лозар Канатларци. Во оваа стопанско лозова земјоделска гранка до 1960 година се досадија уште сто хектари лозов насад и ја презеде ЗИК Прилеп. Останатата површина одземена што остана неорана, беше издавана под кирија на сточарските фарми за пасишта на овци за презимување.

Селото економски почна да тони од ден на ден, од година на година. Од близу 60 фамилии остана сосема малце без детска и младинска врева, џагор и смеа. Постарите изумреа, младите се иселија. После 1990 година во вечерните денови во селото се забележуваа неколку ламби да светат во домовите. Птиците се иселија, останаа без житна храна.

Понекогаш се слушаше тивок разговор со солзи на очите меѓу борците ветерани: Дали за вака се боревме. Се боревме држава да направиме, земјата да ја работиме! И ние како деца одевме момочиња, барем ги знаевме нашите господари! Сега нашите најмили се иселуваат на разни страни во светов, во непознати туѓини, никого не познаваат. Ниту таму знаат за своите нови господари, ниту ќе ги научат и сретнат нив во животот!

Се намножија утките, дење тишина без птичји глас. Ноќе се слуша гласот на утките од под стреите на распаднатите домаќински куќи. Старите велеа, каде утките почнуваат да утат, тоа е знак дека доаѓа пустош, било да е за фамилија или цела населба!

Продолжува

Loading