Дамнешна е традицијата на железнички превоз во градов. Уште за Првата светска војна Прилеп бил железнички поврзан со Битола и со Велес, а оттаму со Скопје и Солун. Со години била градена тесната линија што минувала крај Плетвар, каде и денес сведочи старата железничка станица. Позната е приказната за дилемите на тогашните инженери за совладување на височината на Плетвар со силата на јагленот и дрвата во парната локомотива. Инженерите биле сомничави, но еден ја направил трасата на железниот пат според движењето на магарето. Како магарето се искачувало за Плетвар, така се исцртувала пругата и се освојувал превојот.
Меѓу двете светски војни Прилеп бил модерно поврзан уште еднаш со денешниот железнички коловоз за Велес преку селото Гостиражни, па тунелот над него, и по течението на реката Бабуна, Богомила и месноста Азот. Новата линија била современо решение кое и денес се експлоатира. Тесната пруга над Плетвар била напуштена и заменета со стандардните и европски димензии на растојанието меѓу шините. Зашто и вагоните, и локомотивите веќе се произведувале по нови, пошироки норми. Дали тие биле колку американските пруги, односно колку римските патишта кои биле мерки за европските и за американските железници, не се знае. Се знае дека побрзата комуникација ги препородила економски и културно градовите и селата распослани во македонската житница, Пелагонија. Луѓето почесто се движеле кон поголемите градови, се развивала трговијата, се пренесувале со вагоните вишоците земјоделски производи и влегувала “подмачкано” индустријализацијата. Само пајтонџиите чувствувале зијан. Им паднала атрактивноста, поради побрзите превози со воз во другите градови и во некои од селата поврзани со железницата.