УМЕТНОСТ ОД ОВОШЈЕ

Vajar na ovosje - Rade IlioskiНа овошје прави цветови, разни облици на гравури примамливи за око, иницијали, имиња… Тоа е Раде Илиоски, кој чепкајќи на јутуб, окото му фатило на резбање на овошје. Наместо да се освежува, изрезбарил рози и лебеди…

Тргнал со проба на 6 лубеници. Со пила, нож и други алати, полн со трпение за внимателно лупење, создал уметничко дело. Сопругата останала вчудоневидена како ножот обликува необични форми по кората на љубеницата под диригентство на сопруговите раце. Овошниот копаничар ја чувал три дена дома првата резба за да ја видат комшиите.       

Уметничкиот инстинкт му станал занимација за релаксација. И на дињи го пробал дарот за вајање. Му тргнало со нови специјални ножиња за резба, што може да направи и “цвеќе” од камен. Тренирал на сапуни и изработил цутови, мерак да ти биде раце да истриеш.

Лете нема мака за материјал, а зиме умешноста ја изразува на тикви, иако се поделикатни поради тврдоста. Лебеди прави и од јаболка. Со илјадници идеи создава нови уникатни и тешко остварливи креации на овошјето.

– Ноќе работам раат, никој да не ме задева, а најлесно ми оди резбата на лубеница – вели Илиоски, кој учел за готвач, а работи како келнер.  

По четири години, рутина станале розите, оти ги делка за помалку од саат.  

– Делата не се повторливи и имаат своја овошна приказна… – додава Раде, кој ја мачка резбата со желатин да í го продолжи “животниот век”. 

Loading