Навалица. “Чудо”. Се “дотркалал” нов вид на “пајтон”. И тоа од најголемите. Автобусот претставувал невидена атракција не само за граѓаните, туку и за големџиите. Живнал градот. Сиот народ се кренал на нозе. Се збрал да го види новото чудо. Едни ги фрлиле мотиките, други слегле од арабаџиските коли. Не им требале повеќе коњите и магарињата. На “ситниот свет” престанале “очите да му паѓаат” додека големџиите бркале ќеф со развозување на автомобилите. Сонце ги угреало со напуштањето на превозот со арабаџиски коли со дрвени тркала, влечени од ѕевгар волови. За превоз до блиското село на дофат бил превоз со автобус со дрвени седишта и моторна машина. Граѓаните скокале од радост. Ќе се испотепале кој прв да се повози во големото “чудовиште” со многу колца, облечени со гумени “чевли”. Кој прв да се продрнка по калдрмисаните улици. Прилеп добил меѓуградски превоз за метрополата, покрај возот.