ВАР НА КИЛО

Вар се продавала и низ старата чаршија. Покрај продавницата крај сегашната пицерија Меџик беше последниот варџија. Трговците ја купувале варта печена во Поречието и ја нуделе пролетно време. Пред Велигден се чистеле домовите генерално од зимските наслаги чад. Снежно белиот вар, како во црква, создавал нов, мискојна амбиент, покривајќи ги исчадените со црнило тавани и ѕидови на одаите. Белееле со вар и плитарените куќи и огради.

Варот е и градежен материјал. Со арабаџиски коли се пренесувал до местата каде се кревале куќи. Се меша со песок да се врзат циглите и да траат со векови или да се малтарат грубо и фино ѕидовите.

Дезинфекциско средства е печениот варовник. Постарите го користеле да ги спречат опасностите од зарази од полските нужници. Ги прскале и визбите, и таваните, и пондилата да ги уништат паразитите и инсектите, кои живееле во ваквите простори.

Варџиите триеле раце  по “зимскиот сон”, зашто им се отворало работа. Немало домаќин што не купувал вар, зашто обелен и варосан дом претставувал знак за негување на адетот катагодишно да се варосува, односно да се чисти и да се одржува хигиената.

Loading