За радост на децата, па и на возрасните, општинските власти неодамна донесоа две пони коњчиња и елен во Могилата. Во мала зоолошка градина се претвора “Рајската градина”, населена со дваесетина чифта птици. Локалните власти со здружението на одгледувачи на птици поставија уште десетина кафези да вселат двојки на албино пауни, дијамантски и златни фазани, јапонски кокошки, брама – кокошки, папагал и други егзотични пердувести животни.
Горан Илиоски, претседателот на здружението за ретки птици “Трагопан”, вели дека посетеноста и воодушевувањето на граѓаните со веќе “вдомените” дваесетина двојки птици ги охрабрила да го збогатат просторот со уште неколку чифта птици.
Локалните власти преку ЈКП Комуналец се грижат за одгледуање на јатото во “Рајската градина”. Птиците редовно се хранат. За да се одржува здравјето на “станарите” одвреме – навреме ги прегледува ветеринар.
Освен за атракција, “Рајската градина”, на децата им претставува осознавање на дел од животинскиот свет, развивајќи ја еколошката свест и потикнувајќи ги од најмала возраст за грижата за природата.