ОД КЛУПА, НА РАБОТА

Анита Ѓеорѓиоска, директор на СОУ Орде Чопела

На позицијата ВД директор сте од јули. Каков ангажман стои зад вас?

– Кусо сум отсутна од училиштето. Завршив за тутунски техничар, па продолжив на земјоделскиот факултет каде се стекнав со диплома за поледелство и хортикултура. Се вработив во СОУ како професор во земјоделско – ветеринарната струка. Две години од работната кариера од осум години бев заменик директор. Беше полесно вклопувањето на менаџерската позиција. Сепак, чувствувам одговорност, затоа што работам со ученици. Чест ми е што сум раководител на професорите кои ме образуваа.

Дали кусиот период е пречка законтинуитет на зафатите?

– Предизвик е да продолжам со досегашните успешни зафати. Се трудам од првиот ден да воведам нови практики, училиштето да стане поатрактивно за осмоодделенците и за запишаните ученици. По смената на дограмата и реконструкцијата на санитариите и фискултурната сала, очекуваме реновирање на фасадата и уредување на училишното игралиште.

Колку се вработени и какви струки “произведуваат”?

– За 621 ученик се грижат 60 професори, 13 души се технички персонал и две лица во стручната служба. Располагаме со богатство профили кои се конкурентни на пазарот на трудот. Подготвуваме нови струки со агенцијата за вработување и локалната самоуправа. Под овој покрив учат идни прехранбени техничари, производно – процесени техничари, техничари – нутриционисти, ветеринарни техничари, од хемиско – технолошката струка, потоа техничари за агроменаџмент, техничари за фармерско производство и техничари за хортикултура од земјоделско ветеринарната струка, и од личните услуги се техничарите за очна оптика. Од лани имаме нов профил – геодетски техничар, за кој интересот е многу голем.

Се става акцент на практичната настава. Какви се условите за пракса?

– Располагаме со  солидно опремени мини фарма (оранжерија), пекарница и ветеринарна лабораторија. Тие служат за водење на мини економија. Со приходите набавуваме материјали за 17 кабинети. Сите се добро опремени со компјутери за ИКТ настава. Набавуваме и надгледни средства да сме во тек со времето. Практична настава е еднаш неделно. Доволно е за баланс меѓу теоријата и праксата. Учениците посетуваат и кланици, ветеринарни станици, земјоделски аптеки и оптики. Од прва рака се запознаваат со нивниот следен работен процес.

Какви нови проекти се предвидени?

– Сакаме да се изврши промена на фасадата и асфалтниот слој на влезот и кај игралиштето. Поважно е креирањето на нови профили и струки да се доближиме до исполнување на мисијата – секој ученик да излезе веднаш спремен да отвори сопствен бизнис, запознаен со претприемништвото и пазарот на услугите и стоките. Подготвуваме два нови профила – фито фармацевт за грижа за болестите на растенијата и нивна модификација со генетски инженеринг и еколошки техничар со широк спектар на работни обврски, од грижа за чиста животна средина до користење на природните богатства и менаџирање со отпадот.

Учествувате на натпреварите во струките, но активни се и  секциите по македонски, англиски јазик и други нестручни предмети?

– Учениците имаат различни афинитети. Се трудиме тие да дојдат до израз, во која и да е форма. На натпреварите во фудбал сме редовни. Сме добиле специјална награда за филм и поетски творби. На стручните “трки” често ги освојуваме првите места. Лани бевме први во умешно возење трактор, аранжирање цвеќе, најдобра модна ревија и најдобро уреден штанд. Продолжуваме со уште пожестоко темпо  во “борбата” за награди.

Какви се односите со владините и невладините организации?

– Со младинскиот информативен центар имаме одлична соработка. На предавањата учениците стекнуваат познавања надвор од наставната програма. Соработката е успешна и со МВР и Заводот за здравствена заштита. На учениците им се укажува на опасностите од дрогата и алкохолот, како и на сообраќајните правила и култура. 

Со каква мисија се води училиштето?

– Ги поттикнуваме интелектуалните, емоционалните и творечки потенцијали за максимално ангажирање во усвојувањето на трајни, квалитетни и применливи знаења, со помош на наставни методи и техники во склад со современите научно – технолошки текови. Се стремиме да “произведеме” кадар, подготвен за бизнис.

Loading