Метеж за прием на деца в градинка

ЈУДГ “Наша иднина”

Четирите градинки се дом за неколку стотина деца за кои се гржат како мајки неколку десетици воспитувачки и друг персонал во пријатен амбиент за престој и стекнување знаења за деца од предшколска возраст

Полни раце работа имаат во градинките. Директорката на ЈУДГ “Наша иднина”, Христина Трпческа, вели дека не е мал предизвикот, а одговорноста уште поголема да се менаџира со установа, во која родителите ги оставаат своите деца кај “вторите мајки” – воспитувачките. Установата е поделена на четири објекти, распоредени во градов. Секоја има простор за сместување на 165 деца од предшколска возраст. За секое дете се води посебно досие, во кое се чуваат неговите податоци и работата во воспитно-образовната дејност. Работата на градинката е во согласност со министерството за труд и социјална политика. Воспитно образовната работа се реализира по Основите на програмата за воспитно – образовна работа со деца од предучилишна возраст во јавни детски градинки, во согласност со Законот за заштита на деца. Во објектот Мирче Ацев (Аличаир), работат две групи продолжен престој за деца на школска возраст (до 10 години), кои работат по Основи на програмата на воспитно-образовната пограма за продолжен престој на деца – објасни Трпческа.

Градинка од Тутунски пак дом за деца

Додава дека интересот за прием на деца е многу голем. Просторно не се подготвени да ги примат сите родители кои конкурираат да ги предадат децата на грижа на одредено време на воспитувачките. Затоа се прави список на чекање, по системот кој побрзо поднел апликација – тој ќе има првенство. Засега, како времено решение, е зголемувањето на детските групите, а недостигот на кадар се санира со волонтери кои имаат завршено педагошка академија. Има доволно кадри со соодветно образование (Педагошки факултет за воспитувач, средно медицинско училиште или општа гимназија со положен професионален курс за негувател), но добивањето согласност за вработување на неопределено време од Министерството за финансии бара подолго време – кажа директорката за овај горлив проблем. За трајно решавање на проблемот со долгите списоци на чекање и сместувачките капацитети, Трпческа кажа дека локалната самоуправа вложува напори за рестартирање на поранешната детска градинка од Тутунски комбинат. Со повторно заживување на овој објект, би се задоволиле потребите на поголем број родители.

Соработка со родителите

Соработката со родителите е на завидно ниво, со тоа што секојдневно се споделуваат информации за детето, неговите потреби и успех, како и раното откривање на евентуални здравствени проблеми. За таа цел, во градинката работат психолог и дефектолог како и логопед кој доаѓа од Домот за здравје по еден ден во седмицата. Има седум деца со посебни потреби кои имаат целосна грижа од вработените во градинката, а исто така го спроведуваме проектот за инклузија на децата Роми и засега имаме 24 деца – додаде Трпческа. Посебно е задоволна што ја оживела праксата на организирање на работилници со родители неколкупати во текот на годината и тоа првата недела од октомври по повод “Неделата на детето”, предновогодишна работилница и пред 8-ми Март. Советот на родители од градинката “Мирче Ацев” (Аличаир или Вишне) организирал хуманитарна акција “Вкусете ја зимницата од вредните раце на мајките од децата од градинката Вишне”. Дел од родителите биле расположени да í помогнат на градинката и да донираат во рамките на своите можности, за што директорката е благодарна од сé срце. Тековни проекти на градинката се ЕКО градинка во кој постојат 4 точки на акција: заштеда на електрична енергија, заштеда на вода, чист и уреден двор и разубавување на зградата. Од декември 2011 година, градинката се вклучила во кампањата “Здрава храна за детство без мана”. Во четирите објекти се подготвува здрава храна и се цртаат цртежи на темата. Се планира реализација на “Денови на овошје” и “Денови на зеленчук”. Друг проект на градинката е “Стоматолошка едукација кај деца од петгодишна возраст”, кој се изведува во соработка со Министерство за труд и социјална политика и Министерство за здравство. Интернетот отвора нови можности за соработка, па проектот “Прегратка на дар”, кој е од хуманитарен карактер е реализиран од интернет порталот рингераја.мк, поддржан од Министерството за труд и социјална политика. Воспитувачките заедно со децата изработуваат играчки, кои пред Нова година им биле подарени на деца кои празничните денови ги поминале во болницата. Поради големиот број на изработени играчки, дел од нив биле подарени на деца од социјално загрозени семејства, деца без родители и деца со посебни потреби. Воспитувачката Катерина Тодоровска од објектот “Мирче Ацев” (Аличаир) освои трето место на интернет гласањето на порталот рингераја.мк, со своите изработени играчки и ќе биде соодветно наградена, а сите учесници ќе добијат сертификати за учество – заврши директорката Христина Трпческа. Сигурно е дека децата имаат одлични услови за развој и воспитување, бидејќи кадарот е стручен и со искуство. Објектите се затоплени, а инвентарот е соодветен за децата кои се нашата иднина. Штом има толку апликанти, родителите се сигурни дека децата ги доверуваат во сериозни установи додека тие ги вршат работните обврски. Затоа се гледаат само насмеани детски лица и весели воспитувачки кои со мерак се грижат за децата. Локалната самоуправа ги има ставено градинките во приоритетите за подобрување на условите. Речиси е сигурно дека ќе се рестартира градинската во Тутунскиот комбинат,и волнтерите ќе станат постојано вработени. Ако Министерството за финансии покажи разбирање колку локалната власт, сместување на децата драстично ќе се подобри. Ќе исчезнат главоболките на родителите во потрагата по слободни баби и дедовци, кои би служеле како “бејбиситери”.

Loading