Двајца браќа – два талента

Двајцата браќа Филипоски, Виктор и Филип се ученици во ОУ “Блаже Конески”. Виктор, помалиот, е махер за фудбал како лево крило во ФК “Талент”. На речиси сите натпревари каде учествувал, бил прогласуван за “најкорисен играч”. Иако позицијата му е “врска”, не ретко е голгетер. Заслужен е за над 50 голови. “Пуздер” ги прави сите противници. Неготинци, велешани, кичевчани…, сите поткленале под дриблинзите на Виктор. Не ретко си поигрувал со сите 11 противници. Со финта го претрчувал сиот терен и постигнувал гол. А е четврто одделение. Почнал со фудбалските “марифетлаци” од седумгодишна возраст. Го подучувале другарчињата од маалото, за да стане “тата – мата” со тренерот Дарко Димески. Виктор игра и кошарка. На компјутер се “тепаат” on line со другарите на Counter Strike. Гледа серии на ТВ, а омилен филм му е Терминатор. Кога ќе порасне сака да биде како Кристијано Роналдо и да игра во кралскиот тим Реал Мадрид. Филип, постариот брат, е седмо одделение. Тој е сосема друга “приказна”. Романтичар е во душата. Се изразува преку пишаниот збор. Пишува за секојдневието. Мотив во поемите и расказите е љубовта. Пишувал од најмала возраст и тоа без ничија помош. Си бара инспирација и ја преточува во делата. Учесник е на Рациновите средби. Две години со ред нашите најеминентни писатели го вброиле во најдобрите 25 на средбите. Не е мал дострел меѓу 700 ученици од цела Македонија, а во Велес во жирито, оценувале Видое Подгорец и Горјан Петрески. Член е на рецитаторската секција во училиштето и постојан “декор” е на смотрите. Неговите дела биле објавувани во “Развигор” и “Другарче”. Желба му е неговите 30 песни и 10 раскази да ги “вкоричи” и да ги објави. За сега пишува само за душата. Омилена му е македонската литература со книгите “Марта” и “Девојките на Марко”, а “среброто” е кај руските легенди од ковот на Толстој и Достоевски. Со иста страст го води Тешкото во играорното друштво “Мирче Ацев”. Учествува на манифестации, оти од седум години знае да ги “крши нозете” со омилени сплетови ора, Еленото, Пајдушкото, Егејското…. Филип го користи моливот и за цртање. Го бива и за графика. Мотивите на цртежите се поклопуваат со тие од литературата.  Чудно е што покрај овие дарби, што му даваат слобода на изразување, негува љубов кон егзактната наука – математиката. Затоа се двоуми дали да продолжи во Гимназија или на Економско. Се релаксира со популарните турски серии. Не се караат со брат му за далечинското. Омилени филмови му се Самрак и сите делови од Средношколски мјузикл. Поретко е на Фејсбук, оти повеќе време поминува на Microsoft Word, каде ги пишува текстовите. Двајцата браќа ги краси скромноста која се граничи со срамежливост, ама со талентите кои двајцата Филипоски ги поседуваат, доволна е поговорката “Res, non verba” – “Дела, не зборови”.

 

 

Непозната

Сам сум во мојата соба.

Сам, но со мислите во минатото,

заклучена брава можеби

е причина за мојата тага,

која не може да побегне од мене.

 

Во мојата глава

летаат голем број на среќни моменти

кои како невидлива касета

се пробиваат и талкаат во минатото.

Ме врајќаат во моментот

кога за прв пат те погледнав.

 

Ме враќаат во моментот

кога ги здогледав твоите очи

и не ги заборавив.

Тие доаѓаат во моите мисли

како небесна ѕвезда

која секоја вечер

ја здогледувам од мојот прозорец.

 

Дали некогаш повторно ќе те видам?

Дали негогаш ќе го почувстувам мирисот на среќата?

Тоа се моите единствени прашања.

Тоа се моја надеж.

Надеж која полека, полека

згаснува во мракот на тагата.

 

Каде си?

Зошто не се појавиш

одеднаш, како чудо.

Да ме прашаш дали тагувам,

дали се радувам на оваа безнадежна тага?

 

Само знам дека ти си некаде во далечината.

Само знам дека

Моето срце е тајна дозната

за твоето име што не го знам,

трага- НЕПОЗНАТА!

 

Филип Филиповски

Loading