ЗОШТО ПАРИЧКА СЕ ВРТИ НА ВАСИЛИЦА?

Роберт Конески, ѓакон

За разлика од другите градови, во Прилеп единствено се врти паричка за празникот Василица. Зошто?

– Традиција е, не правило, симболиката е во парата како земно богатство, а лебот како нужност за живот и го симболизира телото Христово. Нема црковно правило за вртењето на парето. Инаку, црквата го оправдува и им дава христијанско значење, според житието на свети Василиј Велики. Во времето кога Божјиот угодник свети Василиј Велики (330-379) стана Архиепископ Кесариски, епархот на Кападокија, кој беше многу алчен и груб човек, имаше обичај редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот. Кога на свети Василиј му јавија дека епархот повторно доаѓа, тој побара од богатите луѓе во Кесарија да го донесат сиот свој накит и златници. Кога епархот пристигна, свети Василиј го пречека и му го понуди богатството. Епархот се изненади и по некое чудо се засрами, така што одби било што да земе, ниту пак го ограби градот. Тој никогаш повеќе не се врати, ниту пак им здодеваше на верниците од градот. Свети Василиј остана со сиот накит и златници токму на Новогодишната вечер, не знаејќи што на кого му припаѓа. Тогаш просветлен од Господ, ги замоли готвачите да направат мали лебови за секој верник. Во секој од лебовите тој стави нешто накит и златници. На денот на Новата Година, кога сите луѓе дојдоа во црквата, тој на секого им даде по едно лепче. Тоа што секој го имаше најдено во лепчето беше токму тоа што претходно го имаше дадено. За спомен на овој настан до ден денес се практикува на денот на Свети Василиј Велики, односно на Новата Година (по стариот календар) да се меси лепче со паричка во него.

Како се дели лепчето и дали се оправдува играњето комар?

– Лепчето се разделува така што првото парче е наменето за спомен на Господ, наш Исус Христос, второто за Пресвета Богородица, третото за свети Василиј Велики. Понатаму лепчето се разделува на присутните. Оној кој ќе ја најде паричката, го добива благословот на Свети Василиј Велики за претстојната година. Меѓутоа, црквата смета дека е погрешно да се поврзува празникот на Свети Василиј со комарот, карневали, прејадување, правење на пијанки и гозби што никако не може да се поврзи со Христијанството.

Овој ден не е посебен црковен празник, односно нова црковна година?

– Почетокот на новата црковна година е некаде на први септември, а ова е граѓанска нова година по јулијанскиот календар, се поклопува со Василица и обрезанието Господово и тоа е разликата со тие 13 дена со Јулијанскиот и Грегоријанскиот календар. Во црквата се слави овој ден со молитва за благодарност за минатата година и молитва за Бог да даде здравје, бериќет и да не сочува од злото во наредната.

Loading