КАЖИ НУНКО ИМЕ

Свадба. Главни личности: невестата, зетот, деверот, старосватот и кумот (нункото). Некогаш имаше двајца девери (стар девер и млад девер). Старосватот е обично вујкото на зетот, доколку го има. Ако не, тогаш некој од неговата лоза. Кумот?! Што е тоа кум? Тој е еден од најважните и од најпочитуваните личности. Тој (заедно со деверот) е и потписник на официјалниот документ при склучувањето на бракот. При церемонијата на венчавањето неговата улога е голема. Во некое одамнешно време младоженците гувееја пред нункото (кумот). Тој седнат а тие пред него, стојат и му прават метании, му се поклонуваат.

Улогите на деверот и старосватот, речиси, завршуваат со свадбата. Улогата на кумот (нункото) продолжува. Тој ќе ги крштава децата од младоженците. Некогаш, неговото право да даде име на новороденчето беше неприкосновено. Кое име ќе го одбереше тој, никој не смееше да се спротивстави. Сега работите се подизменети. Обично, родителите си избираат име, а улогата на кумот при изборот на името, станува повеќе симболична. Сепак, тој си го задржува високото место што му припаѓа.

Зошто го правиме сиот овој вовед?! Целта ни беше да ја дефинираме, колку што е можно, улогата на КУМОТ (НУНКОТО). Значи КУМОТ учествува при венчавањето а неговата најважна улога е да ги крштава децата. Дури и попот при крштевањето го поставува прашањето: ,,Кажи НУНКО име,,? НУНКОТО (КУМОТ) го соопштува името. Се смета дека КУМОТ е духовен татко на детето.

Од сево кажано досега, произлегува заклучокот дека НУНКОТО учествува при венчавањето и КРШТАВА ДЕЦ А.

Во последно време се изнаслушавме дека КУМОТ има некои поинакви (погрешни) функции. Јасно е како ден дека тоа погрешно толкување на кумството, доаѓа од Скопје, преку безбројните (национални) телевизии. Таа јазична недоследност секавично се пренесува во сите градови низ Македонија (за жал). На пример, во Прилеп, веќе надалеку е познато правењето на посните сарми за Св. Никола и за сета манифестација што се одржува на плоштадот на празникот. Слушнавме, бевме известени од повеќе телевизии дека ланската година КУМ на оваа манифестација бил директорот на Прилепската пиварница, а оваа година кумството го презел директорот на Стопанска банка.

На централната бадничка прослава во Скопје, исто така бевме информирани кој бил КУМ лани, а кој ќе КУМУВА годинава. Се јавуваат и кумовите. Изјавуваат дека се среќни што ќе имаат таква чест, да бидат кумови. Тоа не беше случај само на централната прослава во Скопје, туку гледавме снимки и од повеќе општини каде што се прославуваше Бадник.

А кого ли ќе венчаваат и крштаваат сиве овие КУМОВИ што ги споменавме?! Сме размислиле ли каква функција имаат овие луѓе?! Па, тоа се домаќини! Тие се грижат околу организацијата, околу евентуални набавки и слично.

Секој занаетчиски еснаф (барем во Прилеп) има свој светец. Занаетчиите си го прославуваат тој ден. И таму, секоја година, се избира домаќин кој се грижи за сета организација, дури и со финансиски средства ја помага манифестацијата.

Зборот КУМ, со погрешно значење, ги пушта своите метастази и во тие области. Почнуваме и таму, кај занаетчиите, да слушаме КУМ, наместо ДОМАЌИН. А се знае! Човекот кој пречекува гости, кој се грижи за сета организација, се вика ДОМАЌИН, а не КУМ.

И во Прилеп, како и во Скопје, се запалија многу бадникарски огнови. Се славеше со посно јадење. Некаде ќе замирисаше и некој колбас, ќе се чуеше и по некој истрел, но нејсе. Важно да биде весело. И за на тие места, кај бадникарските огнови сме слушале дека имало кумови. Од сите страни, во сите места – кумови!

Напред народе! Нека горат огновите! Тие ја симболизираат светлината. Горете огнови! Кумови, кревајте ги чашите, наздравувајте и водете го орото. Велат: ,,Многу бабици – детето килаво,,. Многу кумови!… … Кум до кум!

Можно ли е да си заприлегаме на недокрстени?!

Благоја Ивчески

Loading