Бранко Конески, вајар
,,Уметникот никогаш не старее. Го нема, кога ќе го снема од овој свет. Тогаш остануваат делата,,. Вака вели 77 годишниот вајар Бранко Конески, автор на бројни монументални скулптури, поставени во повеќе македонски градови. Уметникот, за кој многумина велат дека има внатрешен душевен нагон за создавање, кој твори дела со јасна концепција, објаснува дека и на оваа возраст не може мирно да седи. Сакам постојано да ,,чепкам,, дали во пластелин, дали во неметал, дали во метал, кој ме интересира. Да творам, да оставам нешто зад себе. Горд сум што на родниот Прилеп му дарив два споменика – на Песјобрдце и на Марко Цепенков – раскажува вајарот, кој работи претежно во мермер, но и во дрво, а се пробал и во метал. Конески или како што многумина го викаат Мажучанецот, образованието го оформил на Академијата за ликовни уметности во Љубљана. Објаснува дека уште му гори во него инспирација да создава големи уметнички дела. Мотивацијата е сé. Доаѓа ненаметливо од дел од нашето живеење. Треба да бидеш ковач, создавач, да ги вкомпонираш идеите. Кога работам дело, морам да сум длабоко инспириран. Така се роди споменикот Песјобрдце. Имав доволно информации, оти татко ми бил учесник. Лесно ми одеше. Така беше и со споменикот на Марко Цепенков – вели уметникот. Големо влијание врз него има каменот, односно мермерот. Можеби поради тоа што татко му бил во таа дејност. Од дете сум задоен со каменот. Татко ми беше каменорезец. Каменот е дел од мене. Мермерот и во античко време се обработувал. Племенит е и привлекува со својата структура. Плус, околу родното село Мажучиште целиот предел е карпа. Прилеп е инспирација сам по себе. Од почетокот на студирањето во Љубљана, досега направив многу споменици, во Гевгелија, Кочани, Струмица, Љубљана… – додава тој. Горд е што повеќето од неговите студенти го продолжиле неговиот пат. Дури и се надоградиле. На студентите им велев дека и во реката можат да најдат инспирација, но да не се држат строго до одредени насоки, туку да создаваат по сопствен вкус. Еден од студентите кој работи постојано, е и сограѓанинот Емил, кој многу ми е драго што дели дел од моите размисли. Ми годи, оти има кој да продолжи и да го надградува моето творештво – објаснува Конески.
Ги ваја Конески и Кепески
Бранко Конески, кој преку своите дела успеал да постигне изненадувачки достигнувања и да освои бројни награди меѓу кои Третоноемвриската на Прилеп, ,,Прешерновата,, за скулптура во Љубљана, веќе ги обликува спомениците на Блаже Конески и Круме Кепески. Скулптурите ќе бидат високи 2,6 метри и многу брзо ќе бидат поставени. Општината планира да бидат дел од Арт плоштадот и да се вкомпонираат со споменикот на Марко Цепенков.
,,Во бројните скулптури, Конески искажува голем сензибилитет и постигнува вонредни резултати. Ако играта, светлост – форма, може да звучи и затрепери како музика, и ако монументалноста може да биде елегантна, тогаш тоа кај Конески е исполнето и видливо. Се чувствува големиот усет кон споменичната пластика.,, Ова е забележно во каталогот ,,Б.Конески – скулптура,, објавен во 1972 година.