АНГЕЛАРИЈ

АНГЕЛАРИЈ (Цветко Крстески) (с. Долнени, Прилепско, 1911 – Дреновска Клисура, 1986) е втор поглавар на Македонска православна црква, кој доаѓа на местото на блажениот упокоениот Архиепископ Г.Г. Доситеј. Потекнува од свештеничко семејство, каде од раѓање е задоен со божјата светлина и целиот свој живот и го посветува на Црквата. Учествувал во НОБ. Бил член на Иницијативниот одбор за организирање на МПЦ во 1945 година и член на Здружението на православното свештенство на НРМ. Учествувал во работата на Првиот црковнонароден собор во Скопје  во 1945 година и на Свештеничката конференција во 1946 година. За своите заслуги е одликуван со црвен појас, потоа со граден крст во 1959 година и со највисокото свештеничко одликување протоереј – ставрофор. Од 1961 до 1964 година како парохиски свештеник бил меѓу Македонците во Мелбурн, Австралија, каде ја основал првата македонска православна црковна општина и била изградена првата македонска призната црква во дијаспората. По враќањето од Мелбурн ви 1964 година работел во црквата „Св. Благовештение во Прилеп, а се замонашува во 1972 година. Бил устоличен за епископ Пелагониски во 1975 година. За Дебарско-кичевски митрополит бил хиротонисан на 1977 година а за Охридски и Македонски архиепископ и скопски митрополит бил избран 1981 година. По нецели пет години поминати како поглавар на МПЦ, загина во сообраќајна несреќа на 15 јуни 1986 година во Дреновската клисура, на патот Прилеп – Скопје. Неговото Блаженство Г.Г. Ангелариј како парохиски свештеник бил познат како морален свештеник, кој многу се придржувал до вредностите на канонските правила. Бил човек кој континуирано живеел, растел и созревал со свештенствувањето во Македонија. Кај него не постоел двоен национален морал, кој по војната го експонирале некои свештеници. Ангелариј бил доблесен свештеник и уживаше голема доверба меѓу народот, а како таков тој дури едно време ги водеше финансиите на Општината Прилеп. Во однос на верата, на моралот, на достоинството на македонската нација кај него не постоела колебливост. За тоа бил одликуван со неколку врвни црковни одличја. Од своите наследници (свештеници) барал моралност и одговорност кон Црквата, но и достоинствено однесување кон верниците. Ангелариј сакаше секому да му посвети внимание и никого не го оставаше без должна почит.

Loading