СЕМЕЕН БИЗНИС МЕЃУ ГЕОЛОГИЈАТА И СТОМАТОЛОГИЈАТА

Голд Стоун Компани

Голд Стоун Компани е претпријатие основано 2004 година од магистерот по геологија и иден доктор со катедра на Факултетот во Штип, Орде Иваноски. Оттогаш прераснува во семејна фирма со професионален пристап во обработката на сите видови гранит и мермер. Ангажирани се десетина вработени. Фирмата успева да се нареди меѓу водечките во браншата со многугодишен напорен ангажман, со целосната посветеност на барањата на клиентите, со примена на современа технологија и со големото искуство.

Во семејниот бизнис на Иваноски е вклучена целата потесна фамилија, од сопругата Зорица и синовите Влатко и Даниел. Постариот Влатко, со диплома на стоматолог, кинисал по татковите стапки, а Даниел е студент на факултетот за геологија.

Повозрасниот веќе е навлезен длабоко во бизнисот со надградби на знаењата. Стекнал италијански сертификат во Карара за познавање на мермерот и гранитот. Тоа било недоволно силно “бизнис оружје”. Затоа посетувал едногодишен семинар за експлоатација на мермер, оникс и травертин на универзитет во Истамбул.

– Иако сум стоматолог, каменот ни е семејна амајлија. Не се напушта туку-така. Од дете, татко ми ме носеше по рудниците. Ме привлече структурата на каменот, подрачјата, нови ископи… По дипломирањето, не поправам заби, туку го осознавам мермерот и гранитот. Ми лежи каменот и тргнав да го откривам. Со темелот на татко ми, како Кинески ѕид, успеваме да се модернизираме. Од економска страна, украсниот камен е подобар од стоматологијата. Се пробиваме на странските пазари, не занемарувајќи ги домашните. Околу 20 отсто од приходите доаѓаат од извоз на плотни за кујни во Шведска, Белгија и Швајцарија. Насочени сме на нови пазари надвор од границите. Ги освојуваме Канада и Холандија, со што ќе го зголемиме обемот на извоз. Тешка е и беспоштедна битката со силната конкуренција на Запад, а дома со нелојалните ривали. Сепак, одолеваме и растеме – вели Влатко, кој има поголем мерак кон каменот, отколку кон денталната машина. 

Муштериите доаѓаат во Голд Стоун Компани, го бараат и го препознаваат, оти ги исполнуваат желбите и барањата за сите видови надгробни споменици, прозорски окапници, скали, декоративни ентериери и екстериери од мермер и гранит од Кина, Индија, Бразил и други земји во различни бои и нијанси. Ги задоволуваат сите стандарди за квалитет, а асортиманот одговара на најпребирливите купувачи.

Бизнисот оди супер, работејќи на постепено проширување.

– Технички сме одлично потковани со сите машини за обработка и преработка на градежен и украсен камен. Развојот е насочен кон  повисок квалитет. Со квалитетен материјал се конкурира со цената. Извозот има тенденција на пораст – кажува Влатко.

Семејството Иваноски со Голд стоун компани се носи со идеи за инвестиции во експлоатација, но бара добро подрачје за ископ. 

МОЗАИЦИ ВО БЕЛГИЈА

Подни мозаци од гранит изработени во погонот во Прилеп украсуваат простори во Белгија.

– Изработивме подни мозаици од гранит за Белгија. Беа добро прифатени. Ги пративме од овде, готови епоксирани и се монтираа да накитат еден прекрасен објект. Тој наш оригинал, урнек, е фален и очекуваме нови нарачки – вели Влатко.

Loading