ИЗБОР НА “ОЗБОРУВАЧИ”

Врвни “озборувачи” има во ОУ “Добре Јованоски”. Екипата од ова училиште го зазеде првото место на натпреварот “Музеите во училиштата и училиштата во музеите”. Менторот на групата мали актери, Јагода Волческа, вели дека второто признание за прво место ќе претставува мотив за в година да се атакува на хет трик.

Годинава основните училишта избираа од три подтеми – озборување, додворување и старски обичаи. Најдобрите од градов одбрале микс од озборување и додворување. “Кој ќе го сониш, тој ќе го земеш”, била видео приказната од 17 минути со учество на Изабела Даскалоска, Марија Петроска, Лора Павлеска, Изабела Цуцулеска, Тамара Ангелеска, Дарко Трајкоски, Армин, Амедов, Михаел Конески, Викторија Димоска, Ангела Павлеска, Евгенија Илиоска, Флора Ѓорѓиоска, Христијан Тасески, Озѓен Сулејманоски, Божидар Цветкоски, Андреј Стојаноски и Сузана Асаноска. Локациите на снимање биле манастирот Св. Димитрија на Варош и ресторанот Екскалибур. Децата направиле мало истражување, прашувајќи ги бабите и дедовците, и им го позајмиле рувото од младите години. Зеле опинци, гунчиња, утариња, везени елечиња и слично. Паднала првата клапа, и без трема го терале сценариото.

Поделени во две групи, стари и млади, на снимањето на Варош, старите озборувале – кој со која може да се земе, колку имот има итн., а младите биле ергени и им се додворувале на момите со леблебии, ишарети, крадени цвеќиња и песни под пенџере. Во вториот дел, во ресторанот Екскалибур, сите се промениле во модерна облека и го продолжиле озборувањето, но овојпат служејќи се со модерни фрази и изрази, позајмени од социјалните мрежи Фејсбук и Твитер. Така покажале колку сé се менува за половина век.

Мини приказната ќе се емитува на некоја национална телевизија.   

Loading