ЛИФТ ВО УРЕДОТ

Реконструкција на Здравствениот дом по 57 години

Здравствениот дом темелно се реконструира по речиси шест децении. Се менува дограмата, се реконструираат фасадата, ѕидовите, таваните, скалите, ходниците…. и ќе се постави лифт да се подобри пристапноста за хендикепираните и за другите пациенти. Инвестицијата, која ја изведува фирмата Виком е околу 15 милиони денари. Дел од парите се на Министерството за здравство, а дел ги обезбеди Здравствениот дом.

– Институцијата нема долгови, туку ги натфрлила сопствените приходи за два милиони денари. Затоа е логична соработката со Министерството за реконструкција. Ова е добар пример како со заеднички сили се инвестира во здравствената инфраструктура – рече министерот за здравство Никола Тодоров.

Фајде од реконструкцијата ќе имаат и пациентите, и вработените.

– Околу 40 концесионери, матични лекари и стоматолози даваат здравствени услуги на илјадници граѓани. Затоа се обезбедуваат подобри услови – потенцира Тодоров.

Тој најави разгледување на повеќе предлози за решавање на просторното прашање за Итната помош, меѓу кои за дислокација, за јавно – приватно партнерство…         

Директорот Петар Ристески оценува дека реконструкцијата ќе влијае здравствениот дом да стане модерна установа.

– Ќе штедиме енергија, а со лифтот, пациентите полесно ќе пристапуваат до амбулантите. Набавивме и две нови возила за домашна посета, да се олесни давањето здравствена заштита за пациентите во оддалечените села, па и општините Кривогаштани и Долнени – вели Ристески.

Инвестицијата вклучува и опрема од три-четири милиони денари за нов стрес – тест апарат за спортската медицина, друг апарат за трудовата медицина, а ќе биде ставен во функција и мобилниот стоматолошки сет.

За градоначалникот Марјан Ристески секоја инвестиција во здравството е добредојдена, зашто со тоа се подобрува квалитетот на живеење на граѓаните.

– Немаме надлежност, но од буџетот одделуваме поддршка на здравството. Комплетно го реновириравме породилното одделение во болницата. Значителна сума ќе предвидиме и за наредната година – вели Ристески.

Здравствениот дом е урнек како треба правилно да се вложува.

ЗДРАВСТВОТО ПОСКАПУВА, ОТИ СТАРЕЕ НАЦИЈАТА

Тодоров повтори дека се вложува доста и во секундарното здравство, во болниците.

– Со доста опрема и кадровски сериозно се зајакнува потенцијалот во болниците. Имавме вработувања и продолжуваат вработувањата на здравствени работници. Тоа е насоката. Проблемот кај болниците е тоа што таму е скапо лекувањето. Потребен е кревет и посложени процедури, вградување на медицински помагала, кои се прилично скапи. Сетоа тоа се должи на стареењето на населението. Таа категорија граѓани има поголема потреба од здравствени услуги. Имавме доста лоша почетна позиција, во која  во 2006 година долговите беа над 50-60 милиони евра. Тие се намалени за 50 отсто. Со различни мерки се трудиме уште повеќе да ги намалиме. Буџетот на Министерството постојано расте, зашто од една страна се трудиме да ги намалиме трошоците, а од друга страна се јавуваат сé поголеми побарувања. Тоа е проблем не само кај нас, туку и во целиот свет. Ги намалуваме цените на одредени лекови и овозможивме паралелен увоз на лекови и медицински помагала. Со централизација на услугите, ги намалуваме трошоците – изјави Тодоров.

Loading