НОВИОТ ИМИЏ НА ЕКСКАЛИБУР – ДИ БОСО

Реномираниот ресторан Екскалибур со пицерија Ди Босо, има нови сопственици. Спасоје Илиоски во партнерство со Дејан Андоноски веќе еден месец етаблираат новини и атрактивни содржини за привлекување на нови муштерии и за одржување на старата верна клиентела.

Ресторанот постепено го губел препознатливиот угостителски сјај. Новите сопственици се носат со намера да го претворат во елегантно и стилско место за минување на пријатни моменти со семејството, пријателите и другарите, за бизнис секторот… Со широк спектар на понуда на различни специјалитети, несвојствени за нашата кујна, се претендира на создавање на нов блесок на мени, различно од традиционалното.    

– Ресторанот тргнува со новина на кафе и кроасан. За ручек и вечера се поставуваат специјални менија. Новитет е пица со зеленчук, каква што нема на пазаров. Во меѓувреме, нудиме афтер-ворк мени за после работното време од 16 до 20 часот. Ако се нарача вино или пиво има соодветна закуска на сметка на куќата – ги објаснува Илиоски првите потези за анимирање на гостите.

Ориентација ќе бидат порциите со чисто, свежо месо, во отсутво на мелено. Да доминира пилешко, свинско, говедски бифтеци. Потоа тестенините, оризот, рибата….

– Ќе има и музичка забава. Во петок има Бовин презентација. Со секое нарачано вино од Бовин, ќе има закуска од кашкавал, сирење и тн. Идната недела настапува синот на Ибуш Ибраимоски во живо. Фирмите ќе имаат попуст од 20 отсто за новогодишните забави и коктели. Прославите ќе бидат богати и со пристапни цени, со келнер на секоја маса – информира Илиоски.  

Најавува и освежување на објектот. Првин со нов менаџмент, кому ќе му е професионална девиза “Муштеријата е крал и секогаш е во право тој што плаќа”. 

– Поинаков третман ќе имаат гостите зашто персоналот има други инструкции во услугата и во кујната. Готвачите имаат шанса да го покажат знаењето и да ја изразат кулинарската инвенција. Се збогатува менито со  кулинарски мајстории како во европските кујни. Амбиција е да смениме имиџот со реконструкција на односот кон муштериите со комплетна грижа. Гостите да се чувствуваат пријатно и да заминат полни со задоволства, кои ќе ги пренесуваат на блиските и пријателите, а не да бидат измамени и никогаш да не “намирисаат”, ширејќи антипропаганда. Поставен ресторан на овие постулати не би требало да има маани, туку само да напредува и да се претвори во посакувана локација, во која ќе се резервира место неколку дена однапред. Ќе трчаме да бидеме не при врвот, туку на врвот, а ривалите да ги оставиме далеку зад нас – вели Илиоски.

Екскалубур останува под кирија, со откуп на инвентарот. Цените на новото, збогатено мени ќе бидат подостапни, а квалитетот далеку повисок.

– Ќе се доуредува кујната и ќе се менува амбиентот. На пролет ќе се дотера целосно нова летна бавча. Ќе има и детското игралиште по ХАСАП со голем замок. Родителите ќе ги пуштат децата над три години, кои ќе можат да играат со играчки безбедно под будното око на негувателка – кажаува Илиоски, еден од сопствениците. 

Нагласува дека од трговијата влегува во угостителството од љубов. Не го напушта маркетот Џими.

– Растен сум по ресторани. Во крвта ми се. Угостителството ми лежи. Го познавам бизнисот, оти работев кај неколку газди во Тетово и во Прилеп – завршува Илиоски.

Искуството и стремежот го водат да нуди само квалитет, зашто со тоа се зголемува квантитетот на муштериите и се создава профит. Поинаку се е импровизација и манипулација со гостите, кои брзо ќе откријат дека се изигруваат и вечно ќе го напушатат ресторанот.       

Loading