ПРЕДАВАЊЕ ЗА СООБРАЌАЈНА КУЛТУРА

СОУ “Ристе Ристески – Ричко”

Домаќин на едукативниот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди, 17-ти ноември, годинава беше СОУ “Ристе Ристески – Ричко”. Поради тоа што секоја година на патиштата низ светот од сообраќајни незгоди, животот го губат илјадници луѓе, ООН им посветил ден на жртвите.

Бидејќи сите сме на некој начин учесници во сообраќајот, дали како пешаци, велосипедисти или возачи на моторни возила, потребно е да се почитуваат пропишаните законски правила и прописи. Со оглед на тоа што пешаците и велосипедистите се најзагрозени категории во сообраќајот, а во оваа група голем дел сочинуваат ученици, во салата на “…Ричко” имаше едукативно предавање во присуство на по едно или две одделенија од сите ОУ и СОУ. 

Директорот Жарко Темелкоски, хронолошки, низ бројки, ги даде податоците за сообраќајките во градов. Потенцираше дека големиот број незгоди се предизвикани од повеќе причини и би можеле да се избегнат. Најважно е вниманието во сообраќајот, па заштитната опрема за велосипедистите и етиката на возачите.

– Доколку се применуваат сите законски мерки, што подразбира прилагодена брзина, првенство на минување и останатите, “црните” бројки може да се намалат – истакна Темелкоски.

Ако тоа не може да се постигне, се апелира на спроведување на сообраќајни поуки за сторителите на полесните прекршоци. 

Предавањата се организирани од министерството за образование, МВР заедно со локалната самоуправа. Гости беа претставници од полициската станица, кои покажаа дел од опремата што ја користат при сообраќајни незгоди.

Loading