НАГРАДЕНИ СЛИКАРИ НА ПТИЦИ

Надарените сликари од три основни училишта, од здружението “Трагопан” добија дипломи, медали и пофалници за освоените први три места за сликање на птици.

Најмалата, Оливера Мицеска од ОУ “Рампо Левката” го освоила првото место со цртеж, во кој, покрај нацртаното, вметнала пченка, грав и леќа да изгледа како 3-Д слика. Наставничката Наташа Петкоска рече дека на малата Оле не í била потребна помош од никого. Второодделенката ја “влечат” сите области, но отскокнува по ликовно. Затоа, за сликата í требало само еден ден. Покрај птици, најмногу сака да црта кучиња.

Втор бил петтоодделенецот Максим Ристески од ОУ “Климент Охридски” со менторот Сузана Стеваноска.

На трето место и со бронзен медал се закитила Теона Крстеска од ОУ “Блаже Конески”.

Таа е креативно – уметничката гордост на 5 – 3 одделение. Одлична ученичка е, трудољубива и посветена на сите предмети. Исполнителна е по однос на сите барања и очекувања. Секогаш доаѓа до израз нејзиниот креативен дух, посебно при сликањето. Со овие карактеристики, наставничката Габриела Стевананџија ја опиша десетгодишната ученичка.

На Теона ова не и е ни прва, изгледа, ни последна награда, на која се радува и преку која го афирмира целото училиште.

Loading