СРПСКА ПОСЕТА ЗА ДЕТСКИТЕ ПРАВА

СОУ “Ѓорче Петров”

СОУ “Ѓорче Петров беше домаќин на претставници на Детската фондација “Песталоци”, претставници од партнер организацијата ЦИЛЕ од Србија и претставник на коалицијата на младински организации СЕГА од нашиот град.

– Честа да сме дел од студиската посета е плод на досегашните позитивни ефекти и искуства од функционирањето на ученичката организација и институцијата Дете – правобранител – рече директорот Дејан Димоски.

Проектот почнал во  2011 година кога нашето училиште се вклучило заедно со други основни и средни училишта од Прилеп, Кавадарци, Куманово, Дебар и Струга. Првичната замисла била да биде пилот проект со по едно основно и средно училиште од петте града, а потоа да се дисперзира и во Тетово, Гостивар, Битола, Штип и Охрид.

Покровител била детската Фондација “Песталоци” и УНИЦЕФ, а целта да се подобри спроведувањето на детските права во училиштата, воспоставувањето практични и ефективни механизми за заштита на детските права, подобрување на детското учество како и процесите на избори на претседатели на класови.

Партнер организацијата од Србија во својата земја паралелно спроведувале национален проект за примена на детските права. Оттука е и важноста на студиската посета. Средбата обезбедила поделување на добрите практики и искуства за функционалноста на ученичките организации, воспоставени според предложениот модел од Коалицијата СЕГА, како и моделот Дете  – правобранител, со што би се обезбедиле соодветни информации за примена на овие модели и во Србија.

– Одговоривме соодветно и искуствата ги пренесовме на тимот, педагогот Снежана Милошеска, професорите Билјана Тинтоска и Слободан Петкоски. Професорката Неда Трајкоска, со група ученици, беше на тринеделен престој во Детското село во Троген – Швајцарија, заедно со ученици од други земји од регионот. Најангажираните ученици посетуваа и обуки. Тоа се Филип Стојаноски, Александар Младеновски, Валентино Бинишоски, Галена Дулеска и др. и детето – правобранител, Борјан Јованоски – велат од СОУ “Ѓорче Петров”.

Loading