ДВЕ ВО ЕДНО – ИСКУСТВО И ЗНАЕЊЕ

“Квант енерго”

Во потрагата по излез и егзистенција, најчесто се прават најрешителните и најхрабрите чекори. Искуството таложено со годините, засилено поседуваната соодветна високо стручна подготовка, го охрабрила Петар Јовчески да формира сопствена фирма. Дури и во името “Квант енерго” успеал да го вгради елементарното од областа која најмногу ја познава – физиката и електрониката. Веќе две децении, “Квант енерго” се занимава со производство на електроизолација, трговија на големо и инженеринг.

– Дејноста е поврзана со работеното во Еурокомпозит, електроизолација или како поатрактивно ја нарекуваат композитни материјали. Инженерингот е предлагање на решенија за електроизолација и изработка на делови по цртеж. Цртежите се главно од купувачите и се за изолации за термопечки, електромотори кои се конструктивни и според нив изработуваме решенија – вели Јовчески.

Мошне издржливи се користените материјали во електро или термо изолациите. Дури до 1200 степени. Меѓу ретките фирми се, не само во Македонија, туку и на поранешните ЈУ-простори. На фирма во Црна Гора и помогна да го реши проблемот со топење со нивните високоиздржливи производи.

– Застапници сме на неколку светски фирми, австриски за термоизолација, поширок спектар на производи и француска за заштитна опрема при работа, ракавици, чизми, стапови за електроизолација и индикатори кои се користат во далеководите за заштита. Преку нивното застапништво учествуваме на тендери. Околу 90 отсто ни е преку тендери. Работиме за Електростопанство, РЕК – Битола, ФЕНИ, Бучим и др. Порано имавме доста реекспорт за Србија и Црна Гора – вели Јојвчески.

Инаку, “државните јасли” со изборот за сопствен бизнис ги заменил уште пред 20 години, кога по 17 годишен труд во 11 Октомври, “фрлил” камен на државното и започнал сопствен бизнис.

– Во 1992 година излегов од 11-ти Октомври, да заминам Германија. Заминав преку роднини да работам со надеж да добијам виза и да ја повлечам и фамилијата. Но, визата беше три години, а после ја укинаа. Не успеав да добијам друга и се вратив. Сфатив дека како што Југославија се распаѓа, а со тоа и пазарот се намали. И 11 Октомври се растураше. Се наметна идејата во 1995 да влезам во приватниот сектор. Почнав со тоа што умеев – композитни материјали, за кои имам магистрирано. Почетокот беше прекрасен и колегите ми заблазнуваа за чекорот што сум го направил. Беше добро, зашто и кај нас и во Србија имаше стопанството и не беше целосно приватизирано. Имаше многу работа и пари. Но, не стигнавме да направиме капитал за проширување на објектот или купување на опрема. Сега дојде до ситуација да се обезбеди само за егзистенција, зашто стопанството пропадна и кај нас и кај соседството. Владата ги направи тендерите електронски, што нам не ни одговара зашто се туркаат цените – објаснува Јовчески.

Не крие дека има убави спомени од 11 Октомври, но потоа се промениле работите. Покрај многу работа, имало и доста интересни моменти на деловно дружење.

– Во приватното поставуваш сопствен режим на работа. Никој не ти дава задачи. Не жалам што отидов кај приватниците. Секој ден ми е предизвик, а не шема. Во државното има доста превработени, кои се чудат како да им помине времето – вели Јовчески.

За одржување на фирмата постојано ги следат новите трендови, воспоставуваат бизнис контакти. Одат на саеми во Хановер, Германија, во Белград, Пловдив, Загреб…

Посакува со елан и задоволство од професијата, уште некоја година да ја исполни старосната граница и замине во заслужена пензија.

Loading