ТРИ ДНИ, ЕУ ПРАТЕНИЦИ

СОУ “Мирче Ацев”

Гимназијалците од трета година Андреј Димитриоски, Тереза Кузманоска и Фросина Цветкоска, три дена беа “европратеници” од Велика Британија на симулацијата на европарламент во Скопје. “Во служба на нејзиното Величество”, Андреј бил во комитетот за надворешни работи, Тереза за внатрешни и Фросина во комитетот за финансии.

На третата симулација организирана од гимназијата “Нова” од Скопје, учествувале 21 средно училиште со 63 учесници.

Како во вистинскиот ЕП, и во Скопје, се предлагале и бранеле резолуции на сите теми и од сите земји на ЕУ. Андреј образложувал за сириското хемиско вооружување со резолуција за наоѓање решение по мирен пат, со медијаторство на неутрални земји членки. Тереза ја истражувала трговијата со луѓе и со подготвена резолуција ја бранела позицијата на В. Британија за доследни гранични прегледи и јакнење на регулативите. За жал резолуцијата не била одобрена, заради принципот на ЕУ по прашањето на отвореност на границите. Најжестока дебата се водела околу финансиите, односно комитетот за монетарниот фонд, каде Фросина се залагала за останување на острите мерки за штедење на задолжените ЕУ членки, со измени и дополнувања да се зачува социјалниот мир. Поддршка добила само од “пратениците” од Германија, а сите останати биле да се укинат мерките за штедење и ЕУ да продолжи да ги финансира земјите со долгови.

Етикецијата, говорот, флуентноста, точноста и одлично познавање на англискиот јазик биле клучевите за успех на симулацијата. Иако нашите “европратеници” ги исполниле условите, трите нивни резолуции не биле изгласани, затоа што од лани до годинава бил сменет системот на гласање од просто на двотретинско мнозинство гласови. “Вината” можеби била и во останатите членови на комисијата, а големи се шансите дека некои пратеници гласале од лични побуди, наместо рационално.

Покрај пропаѓањето на резолуциите, гимназијалците ги очекуваат конечните резултати за петте најдобри членови на симулацијата. Доколку комисијата одлучи дека се меѓу топ 5-те, ќе одат на симулација на ЕП во Вилнус, Литванија во ноември и ќе поминат еден работен ден со министерот за евроинтеграции, Фатмир Бесими.

Loading