ПЕКАРСТВОТО Е БОЖЈА РАБОТА

Манки

Владимир Јованоски е сопственик на фирмата за бели печива Манки со двете продавници Манки – Манки. Името е симболика за Прилеп како град на мајмуните. Со сопствен бизнис се зафатил пред три години. Тлеела од порано идеја за потрага по проверка на сопствените бизнис способности, зашто претходно собирал искуство во пекарниците Фурорд и Панефино.

– Бев сé и сешто, од продавач, набавувач до пекар. Три години го “печев занаетот”. Со образование на угостител, помислив да бидам сам газда на своето. Така со бизнисот, комплетното производство беше мое. Запливав во пекарските води со кредити и позајмици. Владините кредити бараа многу специфичности. Тешко се исполнуваат критериумите. Кредитите ги враќам. Задоволен сум , оти имам од каде да ги вратам позајмиците. Терам рентабилно. Тоа е најбитно – вели 33 годишниот Владимир.

Дуќанот кај економското, е производно – продажен простор од 60 м2. Запазен е ХАСАП. Капацитетите се искористени 90 отсто. Располагаат со дигитална машина за печење лиснато тесто, миксер, најсовремени италијански дигитални печки. Продавниците се изнајмени на фреквентни локации. Кај економското има постојани муштерии, учениците, а во другиот дуќан има побогати клиенти.

– На учениците буџетот им дозволува нешто за 20 денари, а во другиот дуќан се бараат поскапи печива. Така сме магнет за муштерии со секаков џеб – вели Јованоски.

Од мајсторските раце излегува широк спектар на печива.

– Пекарството е фина, Божја работа. Да не речам уметност. Физички, не е тешка. Нуди експериментирање. Тестенините никогаш не се исти, иако состојки на тестото се исти. Правиме кроасани и кифли, од лиснати теста со кашкавал, шунка и печурки и комбинации. Се нудат и се бараат пица на парче, тостови, полулиснати зелници со кашкавал, со спанаќ, со ајвар, со праз, со сирење. Бурек нудиме од неодамна – објаснува младиот претприемач, додавајќи дека секојдневно го зголемува квантитетот и ја збогатува палетата на понудата.

Ангажирани се шестмина, по тројца во двете продавници. По три продавачки и тројца пекарски мајстори.

– За муштериите исполнуваме посебни барања. На пример зелник со кромид и печурки, некои пак само со печурки. Некои муштерии сами носат зајре, а ние тоа го ставаме во тестото пред печење. Еден донесе штаве за зелник. Дел од печивата се носат во фирми, маркет и во Кривогаштани. Подготвуваме печива за слави, крштевки, веселби. Сите се задоволни. Расте продажбата. Тоа е доказ за квалитетот – задоволно вели Јованоски.

Заработеното се вложува во инвентар и машини за подобрување на ионака добриот углед. Предност е храброста за тестови со тестото, со проби во нови производи и сл. Размислува за нова просторија, а и за трет дуќан, за кој уште не ја одредил локацијата. Се носи со идеја да ја внесе програмата за интегрални печива.          

Loading