ИКЕБАНИ ОД ЕКОНОМИСТКИ

Ширмила комерц

Веќе 24 години сопственичката на фирмата Ширмила Комерц, Сузана Ширкоска со дуќанот, крстен Мими, го вади лебот од цвеќето. Иако е економист, отсекогаш цвеќето í лежело на срце, зашто тоа буди благородност и убавина. Љубовта кон цветовите, преку бизнисот, ја споделува со муштериите. Цветовите никого не го оставаат рамнодушен. Пријатните и добри луѓе се мераклии на растенијата со цутови во разни колорити. Во бизнисот веќе е и ќерката Михаела. И таа е дипломиран економист, но е растена со цветната арома на семејниот бизнис во дуќанот на улицата “Александар Македонски”.

Мими учествуваше и на саемот на кариерата со импресивен штанд. Вниманието го мамеа нестандардните цветни дизајни, кои не оставаа никого без воздишки.

– Свежото цвеќе бара посветеност, оти се фрла ако не се продаде. Да се одржи подолго, нужно е да се менува вода, да се одрежува… Успехот зависи од ангажманот, времето, конкуренцијата.  И креативноста има придонес. Таа вродена дарба нé поврзува со цвеќето, иако со ќерката сме економисти. Работиме во наш дуќан и не плаќаме кирија. Некогаш е подобро, а некогаш со помалку побарувања – кажува Сузана.

Тргнале со желбата за цвеќе која тлеела од студентските денови на Сузана која ја влечела применетата уметност. Но приликите не дозволувале и  економистот станал цвеќар и аранжер по неколкугодишно книговодствено искуство во фирмата што пропадна – Младост. Паралелно со цветниот занает, Сузана не се откажува од економијата. Води книговодство на неколку фирми. 

– Вештината на бизнисот е првин да се сака цвеќето. Не знам човек што не сака цвеќе. Работата со цутната раскош во различни бои и форми, па и со мирис,  дозволува креативност и работа со задоволство. Женскиот пол е многу позадоволен кога добива цвеќе за некоја пригода, отколку златен накит или друг подарок. Цвеќето побудува радост, како никој друг предмет. Тоа е знак на посебна чест – објаснува Сузана.

Свадби, крштевки, свечености со цветни аранжмани се дело на цвеќарницата Мими, каде мајката и ќерката помагаат при китењето.

Секогаш е актуелно свежото режано цвеќе. Муштериите последниве години им бараат садници од цвеќе за во дворовите. Бараат да бидат хортикултурно уредени од искусни и стручни луѓе.

– Мераклиите по убавината се стремат сопствениот двор да го претворат во пејзажна уметност, да им се храна за очите и никогаш да не се презаситат. Нудиме повеќегодишни и едногодишни садници. Даваме совети за одгледување и грижа – кажува Сузана.

Од Мими нудат и вештачко цвеќе. И тоа се бара заради стандардот. Икебаните од вештачки цветови се слични со природните и тешко се разликуваат.

Ширкоска, со искуството, забележала кај граѓаните дека расте културата за цвеќиња. Се развива и се збогатува трендот за дарување цвеќе со стандардот. Цвеќето често го заменува чоколадото или друг подарок. Негуваат идеја за одгледување цвеќе. Но, времето е ограничено, а цвеќето не знае за утре. Тоа е како бебе. Зиме бара топло, а лето соодветна температура. Како и да е, цвеќето никого не оставило без леб, туку одржува семејство.

ФИЛИГРАН ВО БУКЕТ

Младата Михаела ја збогатува понудата со оригинални сопствени сликарски креации со филигран – техника.

– Рачната изработка е ценета и има побарувачка за сликите. Економијата е професија, а уметноста е хоби. Ме инспирираат прилепските мотиви. Отсекогаш сакав нешто старо и ретро, а посебно ме фасцинираа филиграните. За изработка на една слика е потребна една недела, во зависност од големината – вели Михаела.  

Loading