СО ТРУД СЕ ОДРЖУВА БИЗНИС

Гем промет
Фирмата Гем промет се занимава со трговија на мало, на оков, шрафовска стока и слично за потребите, главно на мајсторите и фирмите за производство на мебел. Пред осум години сопственичката Снежана Дамеска со сопругот тргнале во потрага по егзистенција. Маката ги научила да се борат без да се жалат. Волјата со надежта и вербата дека со работа се преживува, ги одржала, иако за нив тоа бил непознат, каллив, терен и сосема неизвесно поле за натпревар со конкурентите. Ги откриле тајните и методите на бизнисот со трудољубивост и готовност да се жртвуваат за опстанок.
– Мотивот беше едноставен. Немавме избор. Тргнавме во овој т.н. занает со мисла да просперираме. Немавме никакви предзнаења. Работев во конфекциски дуќан. Буквално на среќа, како лото беше оваа дејност. Постепено се вклопивме и релативно брзо стекнавме искуство, зашто мислам дека располагавме со претприемачки дух, а и маката нé бркаше да дадеме сé од себе да се одречеме од многу задоволства – кажува Снежана.
Така бизнисот станал фамилијарен со изгледи да напредува. И навистина доста се движел по нагорна линија во почетокот. Со светската глобална криза се променил амбиентот. Малку опаднал прометот поради турбулентните времиња.
– Тераме и во овие непредвидливи околности. Муштерии се и приватници и луѓе кои сами си поправаат домашни предмети. Доаѓаат и мали фирми за потребите на мебелот што го произведуваат по нарачка. Специјализирани сме за такви претпријатија. Се интересираат и граѓаните за поправка на мебелот дома. Им посредуваме да се договорат со фирмите со наш материјал – објаснува Дамеска.
Кај Гем промет се најдуваат и модерните подови – ламинати. Тоа е дел од дејноста поврзана со внатрешното уредување на домот.
– Ламинатите многу добро одеа на почетокот. Се бараа и се трошеа какао алва. Но, се отворија многу фирми, кои носеа ламинати од разни земји со сомнителен квалитет. Но, и во такви околности се трудиме да фатиме чекор со ривалите и да ги покриваме трошоците – кажува сопственичката.
Таа се надева дека ќе се подобри економската клима, а со тоа ќе скокне и бизнисот, односно продажбата на оковот за мебел. Очекуваат подобри месеци, зашто дејноста им е малку од сезонски карактер. Ги бараат на есен и на пролет, а во зиме и лете нема многу муштерии.

Loading