ВРАБОТУВАЊЕ ЗА НАЈВРЕДНИТЕ

СОУ “Ѓорче Петров”
Како и пред годините, СОУ со најголем број на струки, “Ѓорче Петров”, и годинава со маки најде место за заинтересираните идни медицински сестри. Директорот, Дејан Димоски, рече дека носечки биле резултатите во основното училиште без дополнителни полагања. Со жалење истакна дека училиштето не можело да одговори на сите барања, бидејќи паралелките биле максимално исполнети со по 34 ученици, според Законот. Зад интересот за токму оваа струка стои зголемената потреба од квалификувани медицински сестри и сличен персонал во здравствените установи.
Училиштето е во постојан контакт со Центарот за стручно образование. Добиваат стручни насоки и можност слободните часови да ги одржуваат таму. Во Центарот посебна грижа се води за откривање на уникатните способности на учениците и се поттикнува креативноста.
Фирмите покажуваат интерес за профилите рударско – геолошка, конфекционерска и дрвопреработувачка струка. Крин КГ на најдобрите матуранти веднаш им овозможува работно место. Бројните конфекциски фабрики претендираат на највредните од конфекциската струка. Им нудат работни места веднаш по напуштањето на клупите. Се бараат и најуспешните дрвопреработувачи. Нив ги мерка фирмата ДЕ – НИ мебел.
Од друга страна, огромен интерес има за едукација на возрасни лица за профилот фризер и лични услуги. Постојната добра пракса продолжува со раст на интересот. Тоа не го попречува нормалното одвивање на образовниот процес.
Во СОУ “Ѓорче Петров” е скоро подготвена цела лабораторија со сите потребни апарати во реновираниот, придружен објект. Учениците ќе имаат пракса тука, наместо во Центарот за јавно здравје. Се прошири и просторот за струката лични услуги.
Во училиштето, целосно е оспособен мултимедијален центар, кој ќе служи за библиотека и за презентации со проектор. Потребна е само набавка на извесен дел од опремата, за просторијата каде што бил кабинетот за лични услуги да блесне во сиот сјај. Самоиницијативно, училиштето го зголемило и просторот за кабинетска настава по информатика, кој бил тесно грло и не ги задоволувал условите.

Loading