“ОД ПИЛЕ МЛЕКО” ЗА КУЧИЊА И МАЧИЊА

ТП ПЕТ ШОП

Квалитетна и разновидна храна, како и многу други додатоци за миленици: поводници, играчки, средства за хигиена и друго, во голем избор по мошне прифатливи цени, може да се најдат во Пет Шоп продавницата во старата чаршија која постои речиси две децении.

Ако на стартот, не само што асортиманот бил ограничен, туку и побарувачката била мала, сега има од “пиле млеко” за кучињата, мачињата, папагалите, рипчињата и другите пријатели на човекот. Драстично е зголемен и бројот на муштериите, затоа што да се има миленик во куќата сега веќе е секојдневие, а не како некогаш, помодарство.

Фирмата ТП Пет Шоп постои од мај 1995 година, а сопственик е Надица  Богданоска.

– Мотивот и идејата за отворање на бизнисот беше на брат ми, кој кога заврши ветеринарен факултет сакаше да отвори продавница за домашни миленици и така почнавме да работиме, такаречи непланирано. Иако не сум ветеринар, сепак желбата за работа и љубовта за кучињата и животните, станува сé поголема. И луѓето многу почесто вложуваат во кучињата, мачињата, и општо за сите миленици постојано се грижат – вели сопственичката Богданоска.

Сопствениците на домашни миленици купуваат храна, опрема, и сé што носи модерното време. На почетокот, муштериите гледале кон фирмата како на нешто ново, чудно, со недоверба, зашто биле први и немал никој ваков бизнис.

– Со времето, бројот на домашни миленици се зголемува, посебно има интерес за храна и опрема за кучиња и мачки. Кучињата ги спремаат за изложби во октомври, кога е прилепската изложба, па така ги капат, ги средуваат… – објаснува Богданоска.

Располагаат со сите видови храна за миленици, опрема – водилки, огрлици, чешли, четки, играчки, шампони за капење, па и чоколадни бонбони, бисквити и сé што е посовремено. Но продавницата функционира и како биро за информации за домашни миленици.

– Постојано се проширува спектарот на производи. Сега има и повеќе фирми во оваа област, но ги држиме и поквалитетните и поефтините храни. Муштериите може да се информираат за продажба на расни кучиња, да добијат контакт адреса, имаме и ветеринар, кој на сите клиенти им го препорачувам. Им помагаме и со наоѓање на фризери за миленици и слични информации – објаснува Богданоска.

Вели дека има сопственици на домашни миленици кои не штедат за сортното животно и трошат по неколку илјади денари месечно за одржување и чување. Расте постојано интересот за одгледување на миленици. 

Loading