УКРАСИ ЗА СЕКОЈ ДОМ

БРЕНДОТ СДК – СВЕТЛИНА, ДИЗАЈН И КВАЛИТЕТ

Не само во Божјите домови, елитните хотели, луксузните ресторани, кристалните лустери, рачно изработени од фирмата “Лав медија груп”, се украс и за семејниот дом кога сопственикот сака уникатност, стил и долготрајна вредност која може да се пренесува од колено на колено. Покрај беспрекорната светлина, која ја нудат телата за расветлување, се одликуваат и со врвен дизајн и квалитет. Овие силни страни на производите, во досегашното десетгодишно постоење на фирмата веќе ги препознале од МПЦ. Во многу цркви и манастири, поставени се несекојдневните лустери, ги има и во повеќе угостителски објекти во земјава. Како што се шири добриот глас за квалитет, поставени се и во Црна Гора, Малме, Австралија, Босна и на други страни во светот.

Сето свое искуство и знаење, во идејата за овој оригинален бизнис ги втемелил Димитрија Стојаноски, за по неговата смрт, по стапките во бизнисот, самоуверено да продолжи неговиот син Костадин. Иако е професор по историја, долгогодишното искуство, стекнато “чиракувајќи” му на татко му, Костадин успева да ја одржи фирмата, да ги продолжи контактите и, дури, да склучува и нови зделки. Креативноста која ја поседува и квалификуваниот тим изработувачи на лустерите, се формула за успехот.

– Идејата беше од татко ми, Димитрија. Јас само продолжив. Го стартуваше пред 10 години. Историјата ми помага во креативнот процес на осмислување на лустерот. Ме интересира периодот на француското кралство, кога владеел кралот Луј 14-ти – кралот Сонце, кој барал гламур, кој подоцна дошол и кај нас. Располагаме со тим на електричари, железарци, искусни мајстори, инженери кои добро ја знаат работата и сум презадоволен. Дизајните на муштериите им ги давам преку каталог, а според желбите на клиентите го модифицираме и видоизменуваме лустерот. Комплетно нов лустер имаме направено во култниот ресторан Ловец во Битола кој целосно се реновира. Лустерот го нарековме Сонце, со шеснаесет светилки и една голема во центарот, што го симболизира македонското сонце. Сета изработка е рачна, а малку елементи се машински. Правиме и абажури, столни и ѕидни ламби кои се и кристални и месингени. За секој објект имаме соодветен лустер – вели Костадин Стојаноски.

Имаат поставено лустери во преку 200 објекти, цркви и џамии, во приватни куќи и вили на видни македонски богаташи, потоа во хотели и угостителски објекти. Производите се украси и во Црна Гора, каде се наоѓа најголемиот лустер на Балканот, со димензии 6,5х4 м., со тежина од 500 кг. Поставен е во манастир близу Никшиќ. Работат на проект за Малме, Шведска, кој е за МПЦ. Во помали домови ставаат и помали лустери. Вредноста на лустерите е од 200-300 евра, а поголемите достигнуваат до неколку десетици илјади евра.

– Марифетот е да се располага со многу љубов, посветеност и многу креативност, зашто ова е еден вид на уметност. Се изработуваат од месингени и железни елементи со врвен европски квалитет, со кристали од Венеција кои ги набавуваме специјално и други кристали не користиме. Се појавуваат поефтини, импровизирани кинески лустери, со далеку полош квалитет. Нашите се со декларација, верификуван квалитет и се поставуваат еднаш за сто и кусур години. Само треба да се чисти, а ние ја вршиме и таа обврска. За 5-10 години, особено во црквите, каде се палат свеќи, се собира мрсотија на кристалот, и тој потемнува. При чистењето целосно ја менуваме и електричната инсталација и нешто што е потрошно како фасонки и слично – вели Стојаноски.

Моментно се ангажирани на еден огромен проект кој се гради на излезот од Битола.

Фирмата  “Лав медија груп” се занимава и со интернет медиуми.

ДАР ЗА СВЕТА ПЕТКА

Ветиле и изработиле како донација на лустер и крст за новата црква во изградба, Св. Петка во Точила.

– Вредноста на донацијата е околу 4 000 евра. Се е готово, само чекаме да не повикаат и да го поставиме. Работевме и за црквата во Волково. Имаме соработка со свештениците. Разбрале за нашите услуги и нé повикаа. Производството го нудиме преку веб страници и други медиуми за каде ни дозволува нашиот џеб. Црногорецот не најде преку распишување на понуда, каде ние бевме најповолни – вели Стојаноски. 

Loading