УНИКАТ ГРАДБИ ОД УНИКАТ ГРАДБА

Иако е наставник по географија и историја и има завршено Педагошка академија во 1985 г., Тоде Илиоски, бидејќи не успеал да влезе во образованието, државниот сектор го заменил со приватна работа и тоа во градежништвото. Користејќи ја пред сé дарбата, упорноста, како и стекнатото знаење како машински техничар од статика, јакост на материјали, проектирање, му помогнале да ја основа фирмата “Уникат Градба” во  2001 г. која не само во Прилеп, туку и во другите градови создава уникатни објекти.

А дека е упорен и вреден човек, говори неговото ЦВ, во кое е запишано дека има и 25 годишен стаж во Микрон. Неизвесноста во фабриката ја продолжил со приватен бизнис во 1993 г. со фирмата Чебрен, со отворање на дисконт за продажба на пијалоци на големо, потоа целосно да се оддаде на градење на куќи, деловни простории и други објекти. Сега не може да наваса, затоа што квалитетната и прецизна изработка е препораката да биде баран на пазарот.

– Меѓу првите сум што извадов лиценца, а за која е потребно ангажирање на двајца инженери. Покрај нив, во фирмата имам 18 вработени. Условите се тешки, бидејќи на пазарот нема лојална конкуренција – вели Илиоски.

Со новата законска регулатива, под поимот ниска градба се подразбира изградба на улици и тротоари, канали и други мрежи, а сé друго е висока градба.

– Не работам со ниска градба, само градам куќи. Згради не се направени во градов одамна, а нема и плацеви. Се бараат најчесто реконструкции на стари објекти, доградби, поправки на куќи. Очекувавме поголем одзив за владината програма “Купи куќа – купи стан”, но кај нас нема интерес, зашто граѓаните не се кредитоспособни. Долгорочно гледано каматите им се најверојатно големи на 20 години – објаснува Илиоски.

Летото е период кога најмногу се работи, за разлика од зимските месеци, кога мируваат градежните  активности. Во зима немаат работа, а мораат да плаќаат даноци и плати. На минус 10 степени не се работи, оти варот мрзнел. Наскоро ќе се впуштат во градежни зафати за свои потреби, затоа што имаат купено плац за изградба на хала со приземје и спрат во индустриската зона Прилеп 1.

За експедитивноста и квалитетот на градбата од помош им се  неколкуте мешалки за бетон кои ги имаат, користат потпори и др.

– Во градежништвото ситуацијата е комплицирана и немаме никаква поддршка. Потребни се средства, зашто се амортизираат постоечките. Цената на куќа – карабина е 110 евра од квадрат. Куќа од 100 м2, се смета 50 отсто приземје и 50 отсто покривот. Отприлика е 30 илјади евра за карабина со солиден материјал. 350 евра од квадрат е добра цена за куќа со солидна корисна површина – вели Илиоски.

Десна рака полека му станува син му Мартин, студент на информатика.  Ги открива тајните за доградбата, адаптацијата и изградбата на објектите по кои се препознатливи.

ОБЈЕКТИТЕ – УКРАСИ НА ГРАДОТ

Меѓу големиот број градби кои се уникатни по својот изглед, повеќето се и вистински украси на градот, не само што се одлични објекти за живеење и бизнис по сите европски стандарди.

Дела на Уникат градба се најновиот објект на Салида пред Варош, потоа Алфа банка, дуќани во старата чаршија и семејни куќи во повеќе населби во градов. 

Loading