НЕМА ЛАГА СО БАЖДАРЕНА ВАГА

ВАГАР ГАПЕ – ДИМЕ

Единствената фирма во западниот регион овластена да сервисира и да баждари ваги е Вагар Гапе – Диме. Основана е во 1995 година од Диме Проданоски, познат под прекарот Гапе. Фирмата, која сега ја водат неговите наследници, и е фамилијарен бизнис, е во постојан подем. Располагаат со сета документација за баждарење на ваги и тегови и за нивно сервисирање. Дел од дејноста е и трговијата и монтажата на ваги од различни големини, аптекарски, златарски, односно со грамови, магацински, електронски до 50 тонски за мерење тежината на товарите на камионите. Продаваат електронски ваги од околу 250 евра со гаранција од две години и документ од државата до камионските за 15-16 илјади евра. Големите и ги монтираат. Со штембилот на Гапе, како што ја знаат и фирмата, нема лага кај вагите.

Вагарот е продолжена рака на државата, затоа што печатот на државата е фактички печат на фирмата. Увозот не е едноставен, туку се нужни соодветни документи. Затоа старите ваги, кинески со федери се неупотребливи во легалната трговија, а нивната експлоатација е казнива. Овластувањето се добива за располагање на скапата опрема која достигнува до 100 илјади евра.

Занаетот, сениорот Проданоски, го совладал во Тутунскиот комбинат, каде ги одржувал вагите 38 години. И во пензија е во движење со мајсторилакот од годините.

– Иако беше комплицирано, пред дваесетина години успеав да отворам приватен бизнис на паушал. Бизнисот беше толку атрактивен што син ми излезе од работа во Макпетрол со заврешени два факултета да продолжи по трасираниот пат. Му помагав, заедно работевме, специјализираше во Словенија и Бугарија, ги обезбедивме сите документи од министерството и сега е рамен на мене. Насочен е исклучиво на дигиталните ваги – објаснува “стариот” Гапе.

Кажува дека вагите се баждарат секои две години, а златарските и камионските на една година. Тогаш и се сервисираат.   

–  Основно е секоја вага да биде точна. Најважна е праксата и опремата. Вагата се проверува со еталони, одобрени од министерство, а кои ги калибрираме секоја година. Со тие тегови ги регулираме сите ваги. За теговите имаме специјална вага од три илјади евра. Ги проверуваме вагите, а жигот го удира државата. Имаме контрола од инспектори од Скопје. Секоја вага треба да е одобрена од владата, зашто секоја има број, зашто се плаќа такса – вели младиот наследник Дарко.

Занаетот е редок и специфичен. Затоа Гапе ги “држи” Битола, Ресен, Струга, Охрид, Македонски Брод, Кичево. Фирмата е и увозник на ваги.   Таткото и синот кажуваат дека фирмите, корисниците на кантари, не си дозволуваат да мамат со вагите, затоа што се високи казните. Сомнителните, кинеските ваги, кои се за домашна употреба, уште се толерираат само на зелените пазари, но и таму ќе се постави ред како што се постави на сите други места каде се користат вагите.

Дарко планира да обезбеди документација и опрема за акредитирана лабораторија со европски стандарди која треба да има мерни инструменти постојано калибрирани под константна температура. Таа инвестиција е скапа, но знаењето не може да се купи. 

Loading