МИЛИНА СЕ СЛАДОЛЕДИТЕ ОД МИЛИНА

Веќе 15 години се создавани сладоледите Милина. И израснаа во бренд на македонскиот пазар. Не само во лето, туку и во останатите сезони се топи во устата слатко студеното задоволство. Милина постави нов обичај, нова култура, сладоледот да биде десерт на трпезите, и на пролет, и на есен, но и во зима. Без разлика на конкуренцијата, омилени се сладоледите и кај децата, и кај возрасните, во сите пакувања и тежини. Посакувани се различните вкусови на стапче, потоа  во корнети, чашички, а и комерцијалните, за хотели, и семејните. Веќе се “паднати” и првите муштерии во странство. Извезуваат почетно на Косово, Србија и Албанија, а размислуваат за други типови на сладолед за Турција, Бугарија и за Скандинавските земји.

Сопственикот Бранко Јованоски постојно трага по освежување на понудата со нови вкусови, вклучувајќи ги разноразните овошја и други додатоци на стандардните сладоледи.  

– Чудно е што земјава ја освојуваат десет фирми, повеќето од надвор. Тоа е голема конкуренција. Културата и навиките се менуваат. Не се бара сладолед само кога е жешко, туку во сите годишни времиња – вели Јованоски, кој кажува дека фирмата располага со дистрибутивни центри, камиони и четири илјади фрижидери, со што ја покрива Македонија.

Најпопуларни се сладоледите на стапче, иако има и во други амбалажи и тежини.

– Ударен е 10 денарскиот сладолед, кој е најконкурентен на пазарот. Ја следиме пазарната моќ. Децата купуваат трипати дневно сладолед. Нудиме најниска цена за квалитетот. Затоа сладоледот е “капаче” на менијата во хотелите, рестораните, на свечености – објаснува Јованоски.

Милина секоја година ја проширува палетата со различни преливи. Дел од нив се од сопствена продукција, а дел се увезуваат. Во сладоледите има и свежо овошје.

– Технички се модернизираме. Старата линија се заменува со нова, која нуди побогата палета на сладоледи и пакувања. Но, е и помоќна, со поголем капацитет. Произведуваме шест илјади парчиња на саат, а в година ќе нудиме осум илјади, и тоа со повеќе вкусови. Новата линија е вистински џин кој ќе има влијание на пазарот, особено на маркетите. Без прекин во сезоната работат линиите за фамилијарни кутии  и две линии за овошен сладолед на стапче – кажува Јованоски.

ТРЕНД Е ОВОШНИОТ СЛАДОЛЕД

Се враќа трендот на овошно водените сладоледи. Се бараат и во странство. Има на стапче, млечен, чоколадиран, а во средината со овошен шуруп. Овошјето сами го подготвуваат и пасираат.

– Атакуваме на земјите каде луѓето конзумираат сладолед цела година – нагласува Јованоски.

СЛАДОЛЕД ОД ВИНО

– Размислуваме за нови сладоледи. Од непродаденото вино, заедно со сладоледот, планираме да создадеме микс на пенливо вино и сладолед во едно пакување. Претендираме да бидеме први како и со мохито коктелите – вели Јованоски.

ФАБРИКА ЗА ЗАМРЗНАТО ЛИСНАТО ТЕСТО

Новина е технологијата за лиснато тесто, кое ќе се продава замрзнато, а се очекува да стартува за кусо време.

– Линијата е најголема на Балканот. “Вади” тон ипол печива на саат лиснати теста, кроасани, пици, лепчиња, колачи за рестораните и за домашни потреби, лебови со повеќе типови на житарици. Линијата има континуитет на мрзнење, автоматско замесување, додавање на маргарин, вага со пакерка… Наменета е исклучиво за извоз.              

Loading