ОД ЕКОЛОГИЈА ДО СТАКЛО

СТАКЛО БЛЕСОК – АЛБЕДО

Владимир Петкоски е сопственик на фирмата Стакло Блесок – Албедо (рефлексија на видливиот спектар што се појавува како одсјај или блесок на море или на снег). Фирмата изработува секаков вид на ПВЦ и алуминиумска столарија и сите видови на стакло. Термоизолационо, монолитно, сол – стакло, декоративно, триплекс стакло и сé што бара пазарот. Официјално е на бизнис небото шест години. Откако завршил со студиите, почнал во дуќанот што го издавал под кирија, учејќи го занаетот. Кога газдата ја затворал фирмата, Владимир продолжил.

– Не најдов работа во струката, екологија. А бев стипендент како дефицитарен кадар во Бугарија. И од МОН земав стипендија четири години. Потпишав договор дека кога ќе се вратам, ќе ме вработат. И ништо – вели Владимир.

Фирмата је отворил со кредит за самовработување со ангажирање на три лица, кој го вратил предвреме. Вели дека нема веќе газдување од канцеларија, туку мора постојано да се работи. Затоа планира да ја вклучи и сопругата Соња.

– Првин имав доста ангажмани, буквално 24 часа. Бев работник и раководител и возач, монтажер… Заради нелојалноста на муштериите, чесни ми останаа само три – четворица. Материјалот го набавувам од Прилеп, првин од Сигурносно стакло, а подоцна го сменив добавувачот. Задоволен сум од соработката. Првенствен ми беше начинот на плаќање. Работев деноноќно, дури и на тендери. Иако некогаш сум губел, работев беспрекорно – објаснува снаодливиот Петкоски.

Повремено ангажира повеќемина, оти не се секогаш потребни. Смета дека е способен да ги врши скоро сите дејности. Располага со две возила за носење на стакло. Некогаш го користи и сопственото патничко возило.

– Имав претензии за проширување на бизнисот, но не можам да се носам со големите фирми каде се следи најмодерната технологија и цените на крајниот производ се пониски. Конкурираат мегусебе над 40 фирми. Нема да се задолжам со кредит, доколку каматата е над четири отсто. Сé правам со мои средства – кажува Владимир.

Фирмата е ориентирана да го покрива регионот. Има добри деловни партнери во Битола. Со стаклото, нуди целосна дограма за куќа. За луѓето со подлабок џеб, располага со термичка и звучна изолација и најновото “Четири сезони, Аргон”.

Loading