УМЕТНОСТ СО СОЛ НА 130 МЕТРИ ВО УТРОБАТА НА ЗЕМЈАТА

– ЗМЕЈ КОЈ ФРЛА ПЛАМЕН ВО КРАКОВ

Поголема група вљубеници во откривањето на нови дестинации се збравме пред Т.А. Бран, нетрпеливи да патуваме за кралскиот Краков, престолнината на многу кралеви на Полска. Патот води низ Србија, а попатно низ Нови Сад, каде се приклучуваат патници и туристички водич.

Првата дестинација – Братислава, главниот град на Словачка. Иако денот осамна сончев, но со ветер, тоа не беше пречка љубопитно да трагаме по историјата на Братислава. Најзначајна градба е Братиславскиот замок. Се реновира зданието, изградено на 85 метри надморска височина. За кралицата Марија Терезија, бил кралски престол. Низ фучењето на ветрот, водичот ја раскажува историјата   за градот, замокот, паралелно, фаќајќи фотографии за спомен. Со утринското  освојување на “мирниот и тивок” град, распослан на двата брега на реката Дунав, доаѓа впечатокот дека Братислава граби напред со брзи чекори.

Краков – столица на владетели

Автобусот јури кон Полска со песна и шеги. Времето брзо минува, низ живописните полски јужни предели. Пленат со автентичност дрвените куќарки, од каде уште од оџаците излегува чад. Се грее, оти е ладно. Уморни го прегрнуваме Краков. Капнати се пласнуваме в кревет.

Краков блеска и во утринска роса, зашто е град со богата традиција и раскошна милениумска историја на Полска. Дождот нé не колеба да го почувствуваме градскиот дух со еха на столетија. Краков е распослан во долината покрај реката Висла. Подготвени за новите предизвици, се импресионираме од замокот Вавел. Неизбежно ги овековечуваме миговите. Водичот зборува дека градот бил седиште на Малополското војводство, но и на бројни државни институции, важен туристички центар со развиена култура. Според легендата, војводата Крак бил основач, кој на тоа место убил змеј. Приказната развила атракција со змеј кој испушта пламен. Само да го дофатиш моментот додека излегува огнот.

 Од горе пак се пружа фанатастичен поглед. Во внатрешноста, доминираат стари градби, паркови, зеленило, цвеќиња… На средината гордо пркосат стариот кралски дворец од кралот Казимир Трети Велики и катедралата Св. Станислав и Вацлав. Водичот реди бројни премрежија на кралскиот град, запишан на светската листа на културно наследство на УНЕСКО. По редот, за влез, доаѓаат воздишки од луксузниот ентериер во минатовековни стилови. Низ тесните дрвени скали, еден по еден, се искачивме до ѕвоното на врвот. Се верува дека секој кој ќе го допре, ќе го следи среќа. Го направивме неизбежниот ритуал, го овековечивме. Патот низ уредените улици води до стариот дел, до јадрото на културно историските споменици од разни стилови и векови. Пленат стариот плоштад Ринек, најголем во Европа од средниот век, базиликата Св. Марија со познатиот олтар на Веит Штос, ренесансната покриена чаршија, кулата, театарот…

Одмор во национален ресторан за да се вкуси традиционалната полска чорба, пирошки со месо… Грев е и животна загуба е да се цапне на полско тло, а да не се влезе во Аушвиц и родното место на поранешниот полски папа, Вадовице.

Концертна сала од сол

Вјеличка е местото каде се наоѓа највеличествениот рудник за сол во светот и туристичкото Закопане. Световно, познато по најстариот рудник за сол, запишан во листата на Унеско од 1978 година, а изграден во 1290 година од полскиот војвода, подоцна крал Премислав Втори.

Рудникот еден од драгоцените културни наследства не само на Полска, туку и во светот. Гордоста на државата ја посетуваат милиони туристи годишно. Рудникот од седум века е приказна за воодушевување. Во 1289 година војводата Казимир го отворил за помош на болни и на настрадани, за да стане најголемиот рудник за сол. Вјеличка е на длабочина од 327 метри и со 300 километри ровови каде се ископува солта. На туристите им се овозможува да ги видат најатрактивните делови. Во длабочината слегувавме по убаво уредени дрвени скали. За 90 минути е дното за туристи од 130 метри. Пречекуваат интересни руднички ходници, капели, олтари, споменици од сол, солено езеро, кои мамат воздишки. Фантазијата проработува и се враќаш во времето како било пред стотици години. Ходниците и многубројните скулптури раскажуваат за моменти на животот во тој период. Празник за очите. Восхитува црквата, посветена на Св. Кинг и приказната дека е изработена од сол како завет од кралицата, ќерка на хрватско унгарскиот крал Бела Четврти. Полјаците подготвиле концертна сала во утробата на солената земја. Одвреме на време се лее Одата на радоста од симфониски оркестри низ солениот амбиент. Сé е од камена сол, дури и лустерот. Дознаваме дека главниот олтар на црквата е изработен од рударот Јозеф Марковски. Од 1999 година во капелата е и споменикот на папата Јозеф Павле Втори, дело на уметникот Станислав Аниол.

Воодушевуваат една по друга и палатите на Никола Коперник, капелата на Св.Антон, палатата на кралот Казимир Трети Велики. Воздишки доаѓаат на финишот во величенствената палата на дното на рудникот на 110 метри. Фрагменти, капела, лустери, скулптури. Уметнички раце вајале во сол. Каде попрво да гледаш. Погледот запира де на една, де на друга страна.  Задоволство што не се опишува, туку се доживува. Ама дел од доживувањето се става во фотоапарат.

Патот продолжува кон туристичкото место Закопане. Поглед кон големите зимски скијачки скокалници, кон автентичните дрвени куќи, прошетка низ центарот и повторно во автобус назад, кон Прилеп, со мисла дека поминавме кралски пат од Македонија до Краков.

Каролина Мицевска

Loading