ЛЕБОТ Е КАКО ДЕТЕ

Фурна Бикоски

Семејниот бизнис на фамилијата Бикоски е фурната за леб “БИКОСКИ”. Тројцата членови, најстариот Љупчо, сопруга му Лидија и синот Гоце ја откриле егзистенцијата пред десетина години, кога сопружниците останале без работа од неколку децении работен ангажман во Жито Прилеп. Ниту Љупчо бил кај пекарите, туку бил магационер, па откупувач на пченица, ни Лидија знаела да меси леб, оти продавала леб. Маката ги научила да ги совладаат тајните на занаетот и да вградат свој марифет во лебот како душа, печен на дрва. Веќе дневно “хранат” илјадници прилепчани со околу 800 векни. Велат дека финтата е комплетната посвета на секоја фаза од производството, од брашното до печење. Оти лебот се гледа како дете. Така се одржува и се надградува квалитетот, лебот да не е тегав, туку со крцкава кора.

 Тројцата членови. без ќерката Ева, која студира Педагошки факултет во Битола, се предадени на фурната од каде излегуваат мали, големи лебови, калапи, колачи, округли, погачи, лепчиња, поскури, кифли.

– Дневно сме по 16 часа. Четири дена не сум легнал, иако само го фрлам и го вадам лебот од фурната. Најбитна е температурата да не распукува. Транспортирам со комбе да снабдам осумдесетина продавници. А почнавме со свои пари и со 200 векни дневно во фурна под кирија, како сега. Се осовременивме со машини и стигнавме до илјада дневно. Пазарот се освојува со квалитетен леб од 20 денари векна, со малку адитиви која е вкусна, исклучиво печена на дрва. Носевме и во Охрид и Кавадарци, но немаше есап и се откажавме – вели  Љупчо.

Сопруга му, со 22 годишниот син Гоце, кој од 16 години е со тестото, сосема обелени во брашно, не ја креваат главата. Ја претвораат масата тесто во мали токму мерени парчиња, кои се оформуваат во векна пред да искиснат. Велат дека најважно е брашното и почитувањето на сите фази во процесот со соодветен третман и време. За нив, српското брашно е поарно, оти се прави од цело зрно, а не се вади од сршта за тип 400.

– Добро оди, макар што е многу напорно и не се знае што е ден што ноќ – вели Лидија. 

Љупчо реагира на нелојалната конкуренција, на дивите пекари, кои им ја туркаат цената, бидејќи не плаќаат придонеси и даноци. Бизнисот го почнале со работници, но кренале раце. Конкурентите ги корумпирале да им прават шкарт од 50 отсто. 

Во фурната се ангажирани уште еден работник и возач.           

Loading