ОСВЕЖУВАЧ НА ДОМОТ

Мебел Венеција

Речиси 25 години фирмата Мебел Венеција, во сопственост на Ѕвонко Маџоски, успешно се занимава со трговија со мебел.

Започнала во 1988 г. како претставништво на познатата словенечка фирма Словенијалес. Тоа бил мал салон, скромен со асортиман на стотина квадрати што мошне добро функционирал во првите години. Со распадот на ЈУ – просторот, претставништвото го повлекле и следел период на “стенд бај”, додека немало приватни салони за мебел. Дури по пауза од три – четири години, кога почнале да се отвораат мали производствени погони за мебел, го рестартирале бизнисот со соработка и набавка на производи од фирми од Скопје, Гостивар, Виница… Така функционирала фирмата. Поголема експанзија имало кога под кирија го зеле просторот од Самоизбор. Покрај тоа што татко му Трајче бил скептик дека ќе успеат младиот Ѕвонко бил упорен. Со многу полет и енергија успешно работеле, со пониската кирија…

 Ако првин биле кираџии, денес Мебел Венеција е на сопствен простор од неколку илјади метри квадратни, уреден и во функција на муштериите да може лесно да ги видат сите модели и стилови на мебел.

Фирмата е во постојана нагорна линија. 

– Иако постојано се вели дека опаѓа куповната моќ, не е токму така. Има граѓани кои постојано купуваат мебел. Ако порано се нудеа и продаваа гарнитура или спални соби и друг мебел кој беше релативно поскап, муштериите го користеа 20 години. Сега се нудат поефтини креации на мебел кои граѓаните може да си ги дозволат да го менуваат ентериерот на 4 – 5 години, со што го освежуваат побрзо сопствениот дом – раскажува Маџоски.

Карактеристично за фирмата е тоа што е комплетно фамилијарен бизнис, во кој практично се вклучени членовите на потесното семејство и блиски луѓе на сопствениците.

Постојано размислуваат за новини. Наместо класичната продажба преку синџир на продавници во регионот, субституцијата за отворањето на салони за мебел во околните градови, ја нашле во постојаното медиумско претставување. Рекламите им носат муштерии, за кои Салонот Венеција е подготвен на бесплатен транспорт до местото на живеење на купувачот. За муштериите нудат поволности при готовинското и безготовинско плаќање. Купениот мебел со кој ќе си го подобрат комфорот во домот, граѓаните може да го платат и на 48 рати, без притоа да се шетаат по шалтерите на банките. Добрата соработка со Халкбанка, преку која го користеле и инвестицискиот кредит за подигање на сопствениот простор, им излегува во пресрет и може директно, он-лајн, да ги средат документите за корисникот за одложено плаќање. 

Имаат најразлична понуда елементи за уредување на домот и деловен простор, не само од македонски брендови во сферата на мебелот, туку и изработки од странство.

Амбициозниот сопственик е во постојана инвестиција. Размислува на проширување, не само на продажниот салон, туку и на бизнисот во друга дејност. Не ја искулучува можноста за поврзување со некој странски познат произведувач на мебел за кој би можеле да изработуваат одредени делови.

ТАТКОВОТО ИМЕ – ЛОЗИНКА ЗА ОТВОРЕНИ ВРАТИ

Името на татко му Трајче Маџоски било гаранцијата во многу бизнис релации. Фудбалската судиска легенда позната и на ЈУ – просторите, била и лозинката за отворање на вратите во бизнис зделките. Доволно било Ѕвонко само да се претстави и да каже дека е негов син.

– Не можам, а да не ја споменам улогата на татко ми и помошта која ја добивав од него. Често кога ќе отидев во познатите компании кои беа докажани во производството и трговијата со мебел  и кога ќе кажев дека сум негов син, односот се менуваше и условите за соработка се подобруваа – вели Ѕвонко.

Тој објаснува дека значајна е помошта и на мајка му Дара која го води книговодството.

 

Loading