БЕЗ СТРАВ ОД ЛАДНАТА ВОДА

Седмоодделенката Ема Бошеска од ОУ “Гоце Делчев”, за празникот Водици, покажа храброст и љубов кон христијанската вера, скокајќи во ладните води да го фати крстот и да докаже дека е рамна со машките.

Ема беше една од двете девојки кои нурнаа во камен ладната вода во базенот, заедно со уште 75 учесници. Вели дека силната вера била посилна од стравот од јануарски кочан ладната вода и без двоумење рипнала веднаш штом свештеникот го фрлил крстот. Се пријавила и лани, ама бројот на учесници бил пополнет, па годинава порано се спремила. За да не биде сама, морална поддршка добила од татко í Горан, кој, атер за неа, и тој скокнал. Немала посебни подготовки, освен што голтнала таблета против температура, за да не се поболи потоа.

– Имаше многу народ околу базенот. Ја исслушав молитвата од свештеникот и скокнав. Тоа што се случуваше потоа не го паметам најдобро, затоа што ми изгледаше како миг. Сé се случи наеднаш – вели Ема, која добила благодарница за подвигот и гарантира дека и в година ќе биде еден од трагачите по крстот, со амбиции да биде првата девојка која успеала да го дофати во модрото замрзнато дно на  базенот за Водици.

Речено е – “Помогни си сам, па и Господ ќе ти помогне”. Водејќи се по таа логика, од пред осум месеци е член на атлетскиот клуб “3-ти Ноември”. За кусо време, успеала веќе да учествува на трка на 300 метри во Куманово и го освоила третото место. Се подготвува за уште еден подвиг овој месец.

Покрај физичко, омилени í се математика и физика, затоа што наставничките знаеле убаво да објаснуваат.

Се дума каде за средно, ама сака да оди некаде каде ќе го употреби знаењето од егзактните предмети.  

Loading