ТАТКОВ ОД ЗА ПОКРИВ НАД ГЛАВА

Тврда градба

Децениското постоење на фирмата “Тврда градба” е доказ дека Роберт Јанкулоски е на вистинскиот пат да го наследи семејниот бизнис во градежништвото. Тоа веќе му успева, а генот носен во жилите од татко му, кој бил докажан мајстор во “Гранит”, му дава добра подлога за нагорен óд на фирмата. Со услугите и материјалите кои ги нуди компанијата за градење на објекти, како семејни куќи, најефтино и најбрзо може да се дојде до клуч на рака за покрив над главата, за квалитетен простор за домување.

– Мотивите беа што татко ми работеше во таа бранша. Сакав да продолжам по неговите стапки. Татко ми беше мајстор во “Гранит”. Овие десет години добро се држиме и напредуваме – вели сопственикот Роберт Јанкулоски.

Располагаат со потребниот стручен кадар и опрема која им овозможува професионалност и експедитивност на градбата.

– Опременоста е доволна за функционирање. Располагаме со основната техника за градба на објект за живеење со три ката. Правиме само индивидуални објекти и внатрешен ентериер, малтарење и тн. Се разбира, и кадровски солидно стоиме. Ангажирани се 16 работници, а располагаме и со стручни лица – инжењери – вели Јанкулоски.

Со подигањето на новата населба “Градина”, очекуваат поголем работен ангажман. Веруваат дека прилепчани ќе ја сменат навиката да градат со години и ќе ја напуштат старата практика, да се затрчаат да ги стават темелите и потоа градбата да стагнира.

– Тешко се наоѓа работа во градов. Продадени се доста плацеви во новата населба “Градина”, па можно е раздвижување на градбата следниве десетина години. Од искуство знам дека луѓе тураат темели и ги оставаат така. Можеби сега ќе биде поинаку, заради утврдените рокови за изградба – вели Јанкулоски. 

Како и секаде, така и во градежништвото наплатата оди слабо. Имало случаи кога граѓаните доколку дојдат до некој денар, почнуваат со градбата, мислејќи дека ќе земат кредит, но често се случувало работите да застанат, а со тоа и наплатата, оти муштеријата немал однапред обезбедено пари.

Засега немаме муштерии од владината програма “Купи куќа – купи стан”.

– Тешко оди, а подобрување може да се постигне со инспекциска контрола на дивите изведувачи. Нелојалната конкуренција е голема колку што е голем бројот на легални фирми – вели Јанкулоски

Работат само во градов, зашто по селата нема урбанистички планови.

– Сметам дека државата треба да ги стимулира фирмите, затоа што зимно време три месеци не работиме, а плаќаме придонеси и плати. Законски не смееме поинаку. Зимата ни е “рак – рана” – вели Јанкулоски.

КЛУЧ НА РАКА ЗА 280 ЕВРА КВАДРАТ

Не само што градат брзо и квалитетно, туку се и релативно ефтини. за семеен дом без подрумски простории околу 280 евра е метар квадратен.

– Комплетна изведба до фаза “клуч на рака” е околу 280 евра од квадрат, за куќа без визба. Подрумските простории бараат поголем зафат, тоа е потешка работа оти има ископ, па транспорт на земјата, потпорни ѕидови, долна и горна плоча, хидроизолација, дренажа, а и бетонот е посебен со додатоци да не пропушта вода и да е поиздржлив од обичниот – објаснува Јанкулоски.

Една куќа од 100 м2 може да се направи за 60 работни дена.

 

Loading