Добиваме конкуренција

Остроумните, Андреј Џопа и неговиот имењак Стојаноски, од шесто одделение во ОУ “Кире Гаврилоски”, се сетиле да направат нешто уникатно и досега невидено за нашшава средина. Изработиле училишен весник со име “Училишен ѕвон”, со чии содржини ги “покриваат” најновите случувања во училиштето. Уредникот и заменик уредникот си ги поделиле должностите, па Стојаноски е одговорен за спортската страница и забавните содржини, а Џопа ги пишува информативните страни за весникот. Идејата на двајцата Андреевци им дошла за време на зимскиот распуст. Решени да го изработат весникот, “почнувајќи од нула”. Како искусни издавачи, прво морале да најдат спонзори за издавање на училишното гласило. Татко му на Џопа, стапил во контакт со печатницата “ПРОВИСТА” и фирмата “СКФ”, а помош околу наоѓање на спонзори или “маркетинг агент” им бил и Илија Локвенец, нивен соученик. И со почетокот на новото полугодио виде светлост новиот весник. Опфатени се зимувањата на учениците, меѓуодделенските спортски натпревари, запознавање со педагошката служба и директорот и забавен дел. Овај весник нема да биде по старата поговорка – “секое чудо – за три дена”, туку Андреевците, по позитивните критики, добиени од целото училиште и со огромната поддршка од семејствата, ќе продолжат да го издаваат во форма на месечник. Веќе се зголемила редакцијата – од двајца, “скокнала” на шестмина ученици кои си имаат свое поле на делување. Идеи за пишување имаат од голем број на соученици, а за рецензија на весникот тука е наставничката по македонски. Таа е единствениот надворешен член во уредништвото. Цел на малите уредници е да го збогатат весникот со тематски содржини, оти сега се кадровски “поопремени” и веќе му го зеле кројот на издавањето. За следниот број најавуваат и интервју, а сигурно бројот на страниците ќе расте. Целат високо, па во блиска иднина може да очекуваме блог на весникот за он-лине издание. За тоа ќе побараат помош од наставниците по информатика. Двајцата шестоодделенци ја делат страста за кошарката и тренираат во Ултимејт Баскет како почетници. На Андреј Стојаноски спортот му е во “крвта”. Сака да биде вистински спортски новинар, а идол му е нашиот ракометар Кире Лазаров. Останува уште да ги пофалиме нашите “колеги”, кои од мали нозе се “запалиле” новинарството.

Loading