Даниел Мелвил – Македонска рапсодија 49

Скришен напад

 Година двеилјади и…, јули 25, понеделник, час петти

 Деница се качи на возот, го најде бројот од својата соба со кујничка, бања, маса, фотелји и кревет. Откако роботот носач ги стави наместо двата куфера и отиде, со безжичната команда, да ја заклучи вратата. Композицијата вагони неосетно тргна со брзина од околу 1000 км на саат низ тунелот со безвоздушен простор и го напушти градот Ниш кон Скопје и Солун. Во последниов град младата жена планираше да мине еден дел од годишниот одмор. А другиот дел во родното, Куманово. Тукушто се пресоблече во куќна облека со модра свила, богато украсена со везови од златни и сребрени конци, безжичната команда, часовникот на китката од десната рака почна да емитира како скокоткање неслушливи импулси на нејзината кожа.

 “Екран и тон!”, нареди гласно. Апаратот го вклучи тридимензионалниот телевизор во собата. На екранот немаше слика, само вештачкиот пријатен женски глас, од некој телефонски автомат се идентификува со еден таен код. Соопшти дека веднаш треба да прекине со секаква работа и да се јави без одлагање во “Канцеларијата од комисијата”.

 “Ете, ми пропадна одморот!” – викна тивко Деница. Слезе на подземната станица во Скопје и со хеликотакси без пилот одлета кон тајната “канцеларија” на Шар Планина, скриена подземи и под шума на околу 1200 метри надморска височина.

И други лица во истото време го добија апелот од автоматот со пријатен женски глас. Се упатија кон Канцеларијата на Шар Планина:

Богатиот бизнисмен Мануш, дојден по работа во еден од градовите на Месечината, го доби повикот во у незгоден момент, додека í се додворуваше на една Американка со ирско потекло, што пред два дена допатувала на сателитот од планетата Земја на одмор. Со меланхолична воздишка Мануш се раздели од убавата девојка, го зеде малиот куфер што секогаш му беше спремен за патување, и со првата гравитациона летачка отпатува за Македонија.

Олимпија, што сите блиски ја викаа Ола, високо свештено лице во Семакедонската обединета црква, ги напушти тој ден своите летни предавања во Охридскиот универзитет и инкогнито, со автоматски хеликотакси управуван од нешто донекаде слично на архаичните компјутери, без никакво чекање се упати кон Канцеларијата

Вито, кој до тој жежок јулски ден, веќе три години не зел одмор, достоен за татковото име, блажено истегнат на еден од столовите за одмор на палубата од луксузниот патнички брод “Ѕвезда”, размислуваше со длабоко задоволство за своето циркуларно водно патување. Дојден со стратосферска летачка од Австралија, каде бил по работа, одморот го почнал на Витоша до Софија, потоа скокнал до реката Морава каде се качи на овој брод и по каналите плови кон Вардар до Велес. Оттаму, нов “скок” до Охрид, каде ќе помине некој ден во еден хотел-ресторан под водата на Езерото и ќе сонува, гледајќи ги рибите низ водата бистра како солза, потоа со друг луксузен брод по Дрим и по каналот ќе отиде до Драч и, понатаму, низ Јадранското Море… Симпатична келнерка во “сонот” му го донесе овошниот сок. Вито се загледа во девојката, облечена летни куси панталони, кога го сепна скокоткањето на апелот врз дланкта од десната рака…

Претседателката на Републиката уживаше во омилениот спорт, педалирање сама низ улиците на главниот град со својот архаичен “апарат” што се викал некогаш велосипед. Ретки минувачи ја поздравуваа учтиво и го продолжуваа патот. Кога доби информација за повикот тајните членови на Комисијата за необјаснети појави да се сретнат итно во “Канцеларијата”, таа преку “часовникот” на десната рака, што популарно сите го викаа севишен, заради неговите безбројни функции, го покани во официјалниот кабинет Премиерот. И таа се упати таму за да чека вести од Комисијата, или КОНЕПО,  и од други државни извори

 (продолжува)

Loading