Даниел Мелвил Македонска рапсодија 47

Големото прашање

Пристигна преку бескрајот на вселенските пространства. Откако изврши повеќе обиколки на голема височина околу планетата, се нурна под нејзината водена покривка. Кога пак се појави на површината, собраните информации беа речиси комплетни. Целосни за тоа за што дошол. Добро. Арно. Многу добро. Ќе може да се направи нешто. Накусо речено, освен растителниот свет, уште нема животински свет. Не е важно.

Како и да е, последниов е јасно инфериорен на првиот без кого не би можел да постои. Било како било, имало ли овде фауна или немало, нема никаква важност за делото што го спрема Творецот.

Се упати  кон една пустина. “Еве точно што ми требаше”, си рече, кога се најде среде песокта што постилаа повеќе милиони квадратни километри. Жешко пријатно сонце ја распламтило пустината што добиваше таква луминозност, каква би била ослепувачка за било кој друг, освен за Творецот. Блескајќи како сонце, почна со работа. Со своите зраци, што за таа пригода ги задржа невидливи, собра голем број купчиња песок и беспрекорно добро ги нареди на површината од многу квадратни километри. Почна да им дава облик на купчињата. Откако ја сврши таа работа, ги смени вибрациите од зраците во зависност од тоа што со нивното дејство сакаше да го направи. Се изврши трансмутација. Песокот се претвори во бакар, во сребро, во злато, во дијамант, во челик што не ‘рѓосува, во рубин, во стакло, и во многу други материјали чисти или, пак, легури наредени, организирани по волјата од Творецот во секое од она што пред тоа беше купче од песок. Одлично! А сега да им вдахновуме здив на живот! Творецот ги ги модулира треперењата од  зраците и суштествата оживеаа. Изгледаа како некој кој спиел и се разбудил. Потоа се потруди да си дојде сосема на свеста, бркајќи ги остатоците од сонот.

 “Добро, сé е како што треба”, си рече Творецот и отиде на една планина да земе заслужен одмор.

По некое време, еве една група од суштествата што ги создаде и на кои им даде живот, минат блиску до местото каде тој се одмораше.

– Каде одите вака, деца?, ги праша Творецот.

– Го бараме нашиот творец, му одговорија.

– Зошто го барате?, продолжи да ги испрашува Творецот со оној љубезен и пријателски тон што возрасните го употребуваат спрема децата.

– Сакаме во името од сите нашинци да му побараме помош.

– Каква помош сакате да му барате?

– По некое време од нашево постоење, извесни материјали од кои сме направени изветвуваат, остаруваат и на крајот умираме. Зато сме сé памлубројни. Ако вака продолжи, ни еден жив нема да остане на оваа земја.

Творецот си рече: “Немав мислено за тоа “, и потоа зборна гласно:

– Одете си и не грижете се повеќе. Отсега натаму нема да го имате тој проблем. Кога ќе осетите дека крајот ви е близу, ќе се соедините во едно творба со некој кој се најдува во истата ситуација. Тоа соединување некогаш ќе даде рожба на едно сосема ново суштество, друг пат на две. Така вашиот број автоматски ќе се регулира. Вие, ниту ќе станете премногу на оваа планета, ниту, пак, сосема ќе исчезнете.

Делегацијата замина. Творецот го продолжи заслужениот одмор. Ама пак го вознемири една група од суштествата.

– Каде одите деца?

– Го бараме нашиот Творец.

– Зошто го барате?

– Сакаме да му поставиме неколку прашања.

– Кажете, можеби ќе помогнам.

– Сакаме да знаеме зошто сме биле создадени кога порано или подоцна се разболуваме и умираме било од болест, било по несреќа или, пак од друга причина. Зошто старееме кога младоста е толку убава и пријатна. Понатаму, сакаме да знаеме која е смислата на нашево постоење, доколку тоа има некаква смисла…

 (продолжува)

Loading