ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ – МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА 4

Вселенска поема 4

Ноќна прошетка

По обичај Денко, после вечерата почека сообраќајот низ квартот да стивне, па да ја направи својата секојдневна прошетка. Во меѓувреме се зафати со некои работи низ станот, такашто, кога се најде на улицата пред зградата веќе беше 19 минути до полноќ. Јули, убава топла летна вечер. Следејќи ја својата вообичаена маршрута, се упати полека кон еден од градските паркови од каде се враќаше назад што изнесуваше одење – враќање малку повеќе од 10 километри. И во најдоцните саати, по улиците низ кои минуваше, со мали временски растојанија, постојано имаше сообраќај. Но, оваа ноќ, со задоволство установи дека градот изгледаше празен и само понекој сосема редок автомобил ќе ја нарушеше тишината. Луѓето или спиеја, или заминале на годишниот одмор. Денко одеше на прошетка ноќе, оти фреквенцијата во тоа време е помала, а и воздухот беше понеизвалкан, попријатен за дишење, поздрав. Ретко при тие “екскурзии” среќаваше по некој пешак, најчесто човек кој излегол со кучето да го прошета и четириножниот пријател да ги изврши физиолошките нужди, па да биде мирен од таа страна до следниот ден. Ретко среќаваше жени кои, иако градот беше релативно сигурен од напади, од силувачи, сепак не решаваа лесно да се движат сами, пеш во ноќните часови. Заради тоа и се изненади кога забележа како чекори зад него, на 50 метри, една девојка која јасно ја забележа кога таа дојде под една од електричните улични светилки. Несакајќи да ја вознемири, избегна да се заврти. Но, го чувствуваше нејзиното присуство зад себе на тротоарот. Присуството на девојката си го објасни со тоа што таа веројатно заради некоја причина е присилена да оди некаде сама во ноќта па, констатирајќи дека тој е повозрасен човек, го следи оти во неговата близина се осетува посигурна, во случај на лоша средба, веројатно непознатиот, т.е. тој, Денко, ќе и дојде на помош а, освен тоа, неговото присуство би одвратило некои насилници да ја нападнат, да ја запрат. И девојката го задржуваше растојанието непроменето, следејќи го Денка со истата брзина со која тој одеше.

Дојде до паркот, мина низ него, па тргна назад за дома. Девојката уште одеше по него. Немаше повеќе сомнение. Таа го следеше, но зошто, со каква цел? Почна да паѓа ситен карактеристичен есенски дожд. Денко зачудено погледна кон небото што дотогаш беше чисто, без нити едно облаче. Од каде ли дојде одеднаш дождот, што се претвори во пороен, со големи капки студени како мраз. Водата сосема му ги натопи лесните летни алишта и студот му навлезе “до коските”. За миг се сврте зад себе. Девојката уште верно одеше по него, на истото растојание, и не се чинеше дека дождот макар и најмалку и пречи. Ги забрза чекорите да стигне поскоро во својот стан, да се пресоблечи, да се стопли. Никаде жива душа по улиците. Чудна работа, каде ли се автомобилите?!

Јадрите капки се претворија во големи крилати пеперуги. Со неверојатна брзина снегот обели се наоколу и Денко почна да пропаѓа со своите спортски платнени чевли во него до колениците. Застана, погледна зад себе. И девојката застана, како да чекаше тој да заоди пак. Денко се поколеба. Дали да се врати до неа макар да ја праша дали со нешто може да и помогне во оваа фантастична околност на зима средлето, или да си го продолжи патот? Ја избра последната алтернатива и пак зачекори со тешкотија по длабокиот снег. Погледна зад себе. Непознатата тргнала по него и изгледаше дека не í е тешко да оди по снегот.

Завија како вечно гладен волк некаков ветер, ги завители снегулките, ги раскина ниските тешки облаци, ги избрка, ги растера по ноќното небо. Едно усвитено сонце блесна над градот пуст, мртов и Денко со уживање се предаде на жештината што за миг му ги исуши облеклото, чевлите, косата, и го исполни со благотворно чувство. Малку потоа запре. Пред него на тротоарот стоеше еден од оние диви африкански биволи за кои се смета дека се меѓу најопасните жители на “црниот континент”. Животното со наведната глава копаше по цементот со едното од предните копита и го гледаше со крвјосаните очи спремно да го нападне. Се слушнаа сирени од полициски автомобили што брзо наближуваа. Девојката што го следеше одеднаш, “хокуспокусно” се најде до Денко, со голема сила го фати за рацете и го тргна долу од тротоарот. Двајцата паднаа на асфалтот среде улицата. Во истиот момент еден автомобил, гонет од две патролни полициски коли, ја изгуби контролата и со силен тресок, испуштајќи искри од триењето, се удри во ѕидот токму на местото каде пред неколку секунди стоеше Денко. Резервоарот со бензин експлодира и високи пламени јазици ја обвиткаа колата. Полициските коли запреа. Полицајците скокнаа надвор па почнаа со противпожарни апарати да го гаснат пожарот. Познат, ама неидентификуван женски глас му викна на македонски на Денко: “Не чекај, продолжи си го патот!”. Денко стана и зачекори кон својот стан. Беше пак убава, топла јулска ноќ. На педесетина метри зад него го следеше девојката која пред малку му го спаси животот, тргнувајќи го од тротоарот. Кога Денко стигна до влезната врата од зградата во која се најдуваше неговиот стан, непознатата му се приближи. На првите зраци од утринското сонце нешто жолто светкаше во едната од нејзините раце. Махинално го зеде предметот и погледна во лицето од девојката. “Блага!”, извикна Денко, а девојката само му се насмевна и со прстот на усните му побара да молчи. Веднаш потоа “се стопи”, полека исчезна од местото на кое стоеше Денко, останат сам, зачудено го гледаше златниот клуч што Блага, неговата сестра почината по кратко боледување пред 20 години, тукушто му го даде. Се искачи по скалите до станот, па после вообичаената тоалета, легна и заспа.

продолжува

Извадок од книгата Македонска рапсодија во издание на Зенит.

Loading