НЕ МУ Е МАЈКА, НО МУ ПОДАРИ БУБРЕГ НА ШТИТЕНИКОТ

Згрижувачката Калиопа Чонеска (60) од Крушево е македонскиот “нобеловец” за хуманост

По 12 годишна грижа за дете со посебни потреби, згрижувачката Калиопа Чонеска (60) од Крушево, на 18 годишниот штитеник Христијан му донираше и бубрег. Пред еден месец се вратија од Турција каде беше извршена трансплантацијата на бубрегот. Христијан сега се чувствува добро, а згрижувачката Калиопа иако не е биолошка мајка, е горда што се откажала од еден свој орган, за да му го продолжи животот на детето кое и донесло радост во домот откако пред 15 години останала без сопругот. Среќата да биде поголема и хуманата мисија да се заврши успешно до крај, вистинско чудо било што згрижувачката и штитеникот биле компатибилни за пресадување на органот.

– Господ сакаше да биде така. Се двоумеа докторите, не сакаа да ја направат операцијата во Македонија. Бевме во Турција два месеци и на 24 мај беше трансплантацијата. Сега сме добри, и тој и јас. Моментално сме на контрола во Центарот за дијализа во Струга. Организмот на Кико го прифати бубрегот. Сум била од секогаш хумана. Со еден бубрег може да се живее. Го дадов органот од срце затоа што го сакам детето, не само од хуманост. За да го засакам толку многу Кико, пресуден е карактерот. Многу е паметен, интелигентен, се приврзавме и сите го сакаме, и јас и моите две ќерки – објаснува згрижувачката Чонеска од Крушево.

Голгота со здравствената состојба на Христијан трае од првиот миг кога му ја отворила врата и го згрижила под својот покрив пред 12 години.  Христијан бил со  вродени нарушувања на ’рбетниот столб,  бил неподвижен, не зборувал, со хематоми на главата, а не му функционирале ниту бубрезите. Грижата и борбата за здравјето за Христијан биле натчовечки. Во моментот кога решила дека ќе го чува и него, во домот имала две сестри, штитенички од Велес, но без здравствени проблеми. Заедно со двете нејзини ќерки Фанче (33) и Ружица (38) целосно му се посветиле на здравјето и грижата на детето чија состојба, за жал, со бубрезите не се подобрувала. Калиопа му била дури и медицинска сестра. Успевала дома да му прави дијализа, му менувале катетри. Но, не одела дијализата како што треба и единствен спас за Христијан била трансплантацијата. Калиопа тогогаш ја донела животната одлука, да биде донор станувајќи македонскиот “нобеловец” за хуманост. 

– Претходно правени му се неколку операции на нозете. Движи со помагало. Докторот Митре Митрески, неврохирург од Костозглобната болница од Охрид му направи операција и на главата. Но, бубрезите почнаа да му откажуваат и ни рекоа дека излезот е само во трансплантацијата. Од кога Христијан да добие бубрег, ако не од мене? Ме има само мене! Реков, јас ќе му подарам бубрег – раскажува Калиопа.

Интервенцијата за пресадување на бубрегот била извршена на товар на Фондот за здравствено осигурување. Околу постапката и процедурите се ангажирала ќерката Фанче (33), додека другата ќерка Ружица (38) исто така има згрижено дете со Даунов синдром кое веќе зборува, оди во градинка и ќе почне да оди на училиште.

И мајката Калиопа и ќерките, Фанче и Ружица се хумани.        Згрижувачката мисија во семејството Чонески трае веќе 15 години. Не се единствени кои топлина, љубов и нега им даваат на деца кои останале без родители и родителска грижа. Во Крушево има многу згрижувачки семејства. Калиопа која е повеќе од мајка за Христијан, топло им препорачува на сите да подаруваат само љубов на оние кои за неа копнеат.

– Да не ги гледаат децата како предмети, туку како личности на кои им треба љубов. Не треба мотивот да бидат парите, не треба само грижа, туку да им подаруваат љубов – порачува Чонеска.

 Калиопа Чонеска иако не е му е мајка на Христијан, се решила да остане без еден бубрег за да му дари живот на штитеникот. Досега изгледала пет деца од кои двете сестри од Велес кои сега се полнолетни и кои не ја забораваат љубовта од жената со големо срце од Крушево.

Loading