НА ГОСТИ КАЈ БОГОВИТЕ

Отецот Љупче Петрески

Освојувањето на Митикас, највисокиот врв на Олимп кој се смета за престолнина на грчките богови Зевс и Хера беше предизвик и за отецот Љупче Петрески. Несекојдневното искуство и планинарскиот предизвик го опиша во десетици реченици и фотографии на Фејсбук. Пренесуваме делови од записот:

“Олимп можеби не е меѓу највисоките врвови во светот, но е меѓу најизвиканите и најпознатите во историјата на човештвото, како “Домот на боговите” од грчката митологиј и како границата меѓу Македонците и Грците. Да се искачиш и слезиш од Олимп во еден ден не е невозможна мисија, иако, се покажа дека е екстремно тешка и исцрпувачка.

…Кон врвот Скала кој се наоѓа на 2866 мнв теренот беше стрмен и бараше вложување на поголеми напори. Оттука се нудеше одлична глетка кон мистичниот Митикас. Античките Грци верувале дека на врвот на Олимп се наоѓаат кристални палати, градени од Титаните Киклопи, а украсени и декорирани со уметнички дела од Хефест, во кои живеат 12-те врховни богови. Гледајќи кон грандиозниот Митикас, ги видовме и ние… во мислите.  Оставајќи го непотребниот товар и без ранци, со кациги на главите, тргнавме низ кулоарот кон моќниот Митикас, зашто боговите се богови и не треба да чекаат! Згора на тоа, врховниот бог, Зевс, не знаеме од кои причини, почна да го обвива својот “дом” со облаци, небаре сакаше да го скрие од нашите погледи па пред целосно да го обвие, мораше да тргнеме и да го видиме одблиску… Има делови каде се потребни полу-алпинистички способности. Токму кога ќе помислите дека ете, готово, на врвот сум, погледот изненадува. Митикас ќе ви рече: “Не сум толку лесен. Треба да совладаш уште еден кулоар и една вертикала пред да ме освоиш”. Надолу па повторно нагоре, лазејќи по карпите и “тресејќи” се над својот мил животец… И конечно на врвот! Величествениот Митикас, на 2918 мнв! Извици на радост и воодушевување!

Тргнавме надолу по карпите, така речено во “седечко-лизгачки” стил, да се намали опасноста од лизгање… Гневниот Зевс „згрме” и истури врз нас дожд и силен град, проследен со лут ветер. Грмеше силно, небаре беше во жолчна расправија со Хера. Бегавме пред неговиот бес по патот кон засолништето…

Олимп е посебна планина. Освојувањето на грандиозниот Олимп претставува одлична авантура каква што секому посакувам.

Loading